Петар Печков
Објавено: четврток, 16 декември 2010
Зачестените изјави за работата и компетентноста на матичните гинеколози, изнесени во повеќе наврати од страна на Министерството за здравство и Гинеколошко акушерската Клиника во Скопје се директен атак врз нашиот углед и кредибилитет кај пациентите, сметаат од Здружението на вон болнички гинеколози, кое постои при Здружението на приватни доктори на Македонија.
Неаргументирани, паушални и штетни се нападите во јавноста за нашата стручност и компетентност, кои се пласираат од страна на Министерството и Гинеколошката клиника. Подготвени сме за средба, усогласување на ставовите и аргументирана расправа за сите отворени прашања со министерот и сите структури кои сега ја оцрнуваат нашата професија. Очекуваме заедничка средба за надминување на проблемите помеѓу Министерството за здравство, нас вон болничките гинеколози, и отуѓениот центар на моќ Фондот за здравствено осигурување – велат стотината приватни матични гинеколози.
Тие го поддржуваат воведување на алтернативните протоколи заради адекватна и сеопфатна грижа на најранливата популација, трудниците и новороденчињата. Но чувствуваат несогласување помеѓу Фондот за Здравствено осигурување и министерството во остварување и креирањето на здравствената политика кај жените. За приватните гинеколози состојбата во вон болничката гинекологијата во државата е одраз на севкупните состојби во здравството.
Ранливоста на популацијата, трудници и новородени со која тие работат, ги чини работите посензитивни. Приватните матични гинеколози реагираат и на искажаните ставови на професорите од Катедрата за гинекологија, каде токму таму и од нив го здобиле знаењето и лиценцата за работа, кое сега тие им го доведуваат во прашање.
Tweet |