Петар Печков
Објавено: четврток, 06 октомври 2011
Приватните лекари од земјава бараат исплата на заостанатиот долг од месец април. Тие бараат и премиерот да биде запознаен со нивниот проблем, кој се однесува на околу две илјади доктори во примарното и секундарното здравство од 1,2 илјади амбуланти во Македонија. Проблемот тие го лоцираат во Министерството за финансии, од каде сметаат не се пуштаат редовно пари кон Фондот за здравство, кој ги сервисиран нивните услуги. Додаваат дека иако има барања од членството за порадикални чекори, сакаат оваа состојба, која е присутна половина година, да се реши институционално.
Состојбата во приватното здравство е критична, бидејќи доцни исплатата на капитацијата. Не е исплатен делот од 30 отсто за месеците април, мај и јуни. Бараме две илјади фамилии премиерот Груевски да провери што се случува со зошто е јавува овој проблем половина година и тој се повторува. Не можеме како правни субјекти да функционираме натаму. Се судруваме со проблеми на плаќање на фактурите, за набавка на неопходни лекарства, отплата на стасани рати за кредити за опремување на амбулантите. Се задолжуваме затоа што нас ни борчат. Кај нас не се наплатува преглед, не се плаќа партиципација а средствата за сработеното не ги добиваме. Тоа мошне лошо се одразува кај матичниот доктор – изјави д-р Лили Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватните лекари од Македонија на прес конференција.
Тие бараат средба со министерот за здравство, бидејќи имаат бројни проблеми, на кои сакаат да укажат и потребно е нивно разрешување. Ова е втор пат тие јавно да реагираат за доцнењето на исплатата на капитацијата, која потсетуваат не е чиста плата за докторите, туку од овие средства се плаќаа целокупната работа на амбулантите, од струјата,преку лекарствата до придонесите. Приватните лекари во овој период се сретнале со уште еден проблем, тоа е не регистрирањето на бројни пациенти, согласно одлуката за плаќање на придонесите кон Фондот, за лицата кои остваруваат било каков приход, иако се водат како невработени.
Станувало збор и до 30 отсто помал број пациенти кај одредени доктори, кои решиле да не се регистрираат сами да се лекуваат, без доктор. Поради ова Здружението наредните денови ќе поднело барање до Владата, да се врати партиципацијата во примарното здравство, но и зголемување на ставката на придонесите за здравство, кое кај нас во Македонија сега изнесува 7,2 отсто.
Tweet |