Петар Печков
Објавено: среда, 06 мај 2015
Велешката библиотека ,,Гоце Делчев,, по повод патрониот празник ги награди најредовните читатели, највозрасниот и најмладиот. За најредовни читатели благодарници добија: . За највозрасен читател е прогласен Петар Чиров а за најмлад Ања Арсовска. Најредовни читатели во одделот за деца беа: Благоја Савевски, Бојана Петрова Ангеловска, Елена Атанасова. Во одделот за возрасни признанија добија Димче Ингилизов, Весна Ристова, Борче Борисов. Најредовен читател на периодиката од библиотеката е Борис Атанасов.
Многу ја сакам книгата, нешто ми чита мајка ми, помалку јас. Земам сликовници - рече петгодишната Ања, најмладиот читател.
Јас освен што читам и пишувам поезија. Читам најмногу историски книги - рече Чиров, највозрасниот читател кој има 81 година.
Мојата преокупација се актуелните бестселер, крими романи, трилери. Освен мене ги чита и мајка ми Ратка. Читам по седум - осум книги во месецот - изјави Борисов.
Велешката библиотека која ја продолжува традицијата на најстарото читалиште во земјава на Ангелко Палашев, има околу 2,5 илјади читатели во двата оддели за возрасни и деца и книжен фонд повеќе од сто илјади книги.
Изминатата година библиотеката реализираше повеќе проекти, со кој го подигнавме нивото на институцијата. Со грант од Мировниот корпус го обновивме англиското катче, имавме 15 промоции на книги лани и седум оваа, започнавме проект креирање аудио книги, издадовме нови шест наслови со Брајово писмо, продолживме со акцијата на донирање книги кои лани ги дониравме на противпожарното одделение и центарот за социјални грижи, продолжиме со конверзациските часови по англиски јазик. Организиравме концерти и континуирано го збогатувавме културното живеење во градот. Продолжуваме во борбата за македонскиот јазик и успешно се справуваме со предизвиците - рече директорот Игор Крајчев.
Тој им се заблагодари на вработените за креативноста и ангажманот во остварувањето на нивните задачи. Минатата година велешката библиотека беше прогласена за најдобра во Македонија од локалните институции.
Tweet |