Петар Печков
Објавено: вторник, 09 мај 2017
Со врачување на признанија на најредовните читатели, на највозрасниот и најмладиот се одбележа патрониот празник на велешката библиотека ,,Гоце Делчев,, . Најредовна беше Анита Апостолоска кај возрасната читателска публика а Ана Марија Паунова кај детската читателска публика.
Најчесто читам белетристика, не ми е значаен жанрот, се додека е тоа добро напишано. Зависи за што сум расположена во моментот, сакам драми, романси, друг пат криминални, трилери, мистерии. Книгата го прави редовниот живот повозбудлив. Секоја минута од слободното време ја користам за читање, денот без книга не може д асе замисли. Буквално секоја слободна минута се користи за читање. Читам и на македонски и на англиски, и на француски, шпански, италијански. Нашата библиотека има се што ми е потребно и голема благодарност за неа. Читам и книги и на таблет, постојано сум со книгата во било која форма - рече Апостолоска вработена во ОУ Блаже Конески како професор по англиски јазик.
Марија Питиќова која и покрај мудроста од животот која го стекнала со годните, се одлучила да ги консултира пишаните листови како нов извор на животни сознанија. Таа го доби признанието за највозрасен читател, рече дека сака белетристика и остава на библиотекарките да го прават изборот а нејзино е да чита. Додека најмлад читател беше Елена Јанева која има само шест години, учи прво одделение во ОУ Блаже Конески и нејзин избор се ,,класиците,, Снежана и седумте џуџиња,, ,,Јованче и Марика,, ,,Заспаната убавица,,
По повод патронатот беа врачени и наградите по литературниот конкурс, кој беше организиран од Клубот на писатели ,,Кочо Рацин,, а учествуваа ученици од велешките основни и средни училишта. Кај средните победи Талија Ѓорѓиева I – 4, втора беше Цветанка Ацева IV -2 а трeта Мирсаде Етемова II -8 година, сите од Гимназијата Кочо Рацин.
За возраста од 6-то до 9-то одделение наградени беа: Мартин Кузмановски IX -4 од ОУ Васил Главинов, втора беше Вероника Гијовска VIII-2 од ОУ Блаже Конески а трета Мартина Пепова IX одд. од Стојан Бурчевски Буридан.
И кај најмладите литерати oд прво до четврто одделение победи Бојан Стојанов IV-3 од ОУ Св. Кирил и Методиј, пред Антонија Гијовска IV -3 од ОУ Блаже Конески а трет беше Марко Варналиев III -1 од ОУ Јордан Хаџи Константинов Џинот.
Велешката библиотека со фондот на книги со кој располагаа е место каде велешани доаѓаат да читаат.
Постојано правиме промоции, работиме да ги привлечеме читателите во поголем број, иако сме задоволни од тоа што го имаме. Правиме децата, младите да ги донесеме за да бидат идни читатели и се вградува љубовта кон мајчиниот јазик. Соработуваме со Мировниот корпус со часови по англиски јазик, со клубот на писатели промовираме нов дела на велешки автори. Се снабдуваме со нови книги го збогатуваме фондот со нови дела. Стручните дела кои се издадени до Владата се барани од дипломци и додипломци, има голем интерес. Бестселерите се барани пред се во лето – рече директорот Игор Крајчев.
Најави дека до крајот на годинава повторно ќе се врати Саемот на книгата кој изминатиот период го снема, оти издавачите нашле свој начин на промоција.
Tweet |