Петар Печков
Објавено: среда, 30 септември 2020
Во близина на Демир Капија, пронајден насад со марихуана, стеблата достигнувале до четири метри височина. Уапсени две лица, соопшти МВР.
На 28-ми септември полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за недозволена трговија со дрога во координација со СВР Велес во местото Јаворица, Демир Капија пронајдоа насад со 65 стебла канабис со висина од 2,5 до четири метри и на лице место приведоа две лица С.С. (33) и А.С. (56) од Демир Капија поради сомнение за недозволено производство и продажба на марихуана. На лице место се пронајдени и цевки за наводнување, како и друга опрема за обезбедување и заштита на насадот. Извршени се и претреси на две локации во околината на Неготино, при што се пронајдени два карабина и една ловна пушка., како и поголема количина цветови од канабис подготвена за сушење и продажба - информираа од МВР.
Јавното обвинителство информираше дека двете лица се татко и син и тие се веќе во притвор. ОЈО Кавадарци донел Наредба за спроведување на истражна постапка против две лица, татко и син на возраст од 56 и 33 години, поради основано сомнение дека како соизвршители ги сториле кривичните дела –Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и распрскувачки материи.
Во координирана акција и извршен претрес, на викенд куќа во сопственост на осомничените, пронајдени се 65 стебла од растението Канабис Сатива со чија обработка се добива наркотичната дрога марихуана. Осомничените, татко и син, неовластено заради продажба го произведувале растението, за што обезбедиле и опрема за наводнување и обработка на насадите. При претресот, пронајдено е и оружје кое осомничените неовластено го држеле и тоа 8 патрони – 12 мм за ловечка пушка, 38 куршуми калибар 7,9 мм и затворач за пушка М-48 и ловечка пушка марка Црвена Застава Крагуевка со калибар 12мм - соопштија од ОЈО Кавадарци.
Во насока на непречено одвивање на кривичната постапка, а поради постоење на опасност од бегство на осомничените и опасност тие да ги повторат кривичните дела, јавениот обвинител до надлежниот суд доставил предлог за определување на мерката притвор за двајцата осомничени.
Судијата на претходна постапка при Основниот суд Кавадарци го прифатил предлогот на обвинителството и со решение на осомничените им е определен притвор во траење од по 30 дена.
Tweet |