Петар Печков
Објавено: среда, 16 мај 2018
Поројните дождови кои неколку дена во попладневните часови интензивно паѓаа во Велес, придонесоа за прокиснување на една просторија од новата театарска зграда како и на спортската сала Гемиџии.
Посебно лоша е состојбата со спортската сала, каде водата протекува на повеќе места, и на трибина кај публиката и на терен. Среќна околност е што деновиве таму немаше спортски настан, оти ќе беше доведено во прашање неговото одржување. Водата се собира со кофи, но вработените никако да престасаат да ја соберат и исфрлат.
Санацијата на кровот беше завршена пред половина година. За жал кровот и натаму протекува. Затоа на изведувачот веднаш му реагирав, бидејќи сеуште е под гаранција, да ги изведе неопходните работи и кровот и водата да не протекува - рече Златко Гуцев, директор на ЈП Парк Спорт, каде припаѓа салата Гемиџии.
Минатата година на примопредавањето со претходниот директор на 27-ми ноевмри дотогашниот директор Александар Табаков се пофали дека е решен крупен проблем со санирањето на кровот во салата, кој протекуваше со години, откако таа беше пуштена во употреба од 1982-та. Санацијата заврши во ноември, ја изврши МЗТ Инжинеринг Битола во вредност до 7,5 милиони денари и беше извршен технички прием. По шест месеци кровот повторно протече.
Протече и во една од просториите на новата зграда на велешки театар. Поточно во пералната, вчера вработените морале со кофи да ја собираат водата. Денес во просторијата уште беше присутна вода а по ѕидовите влага. Ансамблот на велешки театар е на турнеја по Бугарија и директорот и техничкиот не се достапни за нивен коментар за ваквата состојба.
Tweet |