Петар Печков
Објавено: недела, 04 март 2012
ПроКредит регионалната Академија во Македонија освен за Источна Европа, прерасна центар за обука на банкарските кадри и од Африка. По затварањето на Академијата во Мозамбик, таа покрај велешкото езеро Младост, сега е центар за банкари од 15 држави од Источна Европа и Африка. Со оваа новина зголемен е и капацитетот на посетители на настава на 66 лица во текот на престојот. Така оваа образовна институција, која започна со работа во 2008-та, сега е една од трите кои постојат во светот.
Нашата институција, не само што беше единствена што обучуваше, создаваше банкарски кадар од средниот менаџмент за ПроКредит Банките од Источна Европа, сега ја покрива и Африка, со што се зголемува можноста за размена на искуството меѓу колегите од различни континенти и различни профили. Се обидуваме да ги балансираме наставните програми на двете групи слушатели, кои сега се мешани. На овој начин ги користиме искуствата на посетителите и од Европа и од Африка - вели Викторија Митреска директорката на ПроКредит Академија.
Започнала со работа во изнајмени простории во Скопје во 2007-та скромно со една група, сега работат напоредно три групи. За овие четири години низ неа минале повеќе од 740 посетители на курсевите за среден менаџмент и 500 посетители на курсеви на англиски, или вкупно 1200 лица. Сите тие со престојот во Велес во Македонија оставиле значен дел девизи. Од јануари 2011 година ПроКредит академијата Источна Европа се спои со ПроКредит Академија Африка и сега таа фукнционира како една заедничка. Како и зошто банкарите од Африка дојдоа во Велес, директорката објаснува дека еден од факторите е успешната работа на Академијата.
За овој период на работа пред менаџментот на ПроКредит Холдинг се докажавме дека успешно се справивме со предизвиците, со обврските кои ги носат наставата и предавањата во овој образовен центар. Така академијата од Африка се префрли во Велес и сега функционираме како една единствена за Европа и Африка. Економски неисплатливо е да се работи повеќе таму , поради големината на континентот, транспортните трошоци, трошоци за сместување, логистиката, па таа во Мозамбик престана да работи – вели Митреска.
Наставата трае 12 седмици, во шест блока, секој поделен по две седмици. Две недели се тука, на велешко езеро, па заминуваат дома четири седмици,и така во ист ритам четири месеци. Сместувањето е на интернатска база, посетителите се тука присутни 24 часа. Посетуваат настава од 9 до 19 часот, продолжуваат со домашни обврски и вечерно дружење. Учат теми кои не се опфатени во традиционалните училишта, оценките се со букви. По завршувањето на учењето, добиваат диплома за да останат на позицијата на која се наоѓаат во банката но и можност за напредување во кариерата.
Се обидуваме нашите посетители, да имаат балансиран однос на учењето, отсуството од дома, патување и да не отсуствуваат многу од работа. Напорно е, има оценки, тестови, Слободните денови преку викендот се користат за прошетки низ Македонија и ги запознаваме со убавините на земјата – вели Митреска.
Банкарите од 15 земји на Африка и Источна Европа се сместени во еднокреветни соби. Имаат на располагање спа центар, сауна, за одржување на физичката кондиција, базен кој работи од 1-ви мај до 31-ви октомври. Најчесто прво и последни го користеле Украинците кои се најхрабри. Ги имаат сите услови за нормален живот. Предавањата се на англиски јазик, поради меѓународниот карактер на Академијата. Има банкари од Бугарија, Албанија, Косово, Србија БиХ, Македонија, Романија, Молдавија, Украина, Грузија, Ерменија, Конго, Мозамбик и Гана, а од скоро, што е новина и од Германија. Доколку има потреба од здравствени услуги, посетителите ги добиваат преку Медицински центар Велес.
Има предавачи од Македонија, луѓе од ПроКредит Банка кои се на високи позиции, иако има можност за ангажирање на професори од факултетите, но проблем било познавањето на англискиот јазик
Храна се подготвува во сопствен ресторан кој има капаците од стотина оброци, каде преовладува македонското мени, локални специјалитети. Банкарите јадат турли тава,мусака, полнети пиперки, сарма. Вредните раце на вработените за зимава ставила кисела зелка а има и поголемо количество на од нив подготвен ајвар, кој едногласно сите посетители го оцениле како најдобро македонско јадење. Банкарите многу сакале и благо, за кое секогаш имало барање за едно парче повеќе.
ПроКредит академија е меѓународен образовен центар со специфичен начин на образование, со комплетни услови за престој, живот и учење. Истата се наоѓа на простор од 9 илјади метри квадратни, над двата мотела на велешкото езеро Младост. Објектот во кој се сместени банкарите од земјите на Источна Европа и Африка зафаќа 3,5 илјади метри квадратни, има 66 соби, отворен базен, ресторан со сопствена кујна, спортски терени и прекрасен поглед кон езерото Младост. Единствено што недостига е квалитетна вода за пиење. Инвестицијата е вредна 3,5 милиони евра и вработени се 25 лица. Ваква институција ПроКредит банката има уште една, во Колумбија за Латинска Америка и во Германија во која настава посетуваат учесници од сите три континенти.
Посетителите на ПроКредит Регионална Академија измината година пошумија четири хектари пуст терен на локација во непосредна близина на Езерото Младост, над селото Новачани. Тие засадија 4 илјади садници од јасен, габер, даб, бреза, изградија на шумски пат за олеснет пристап до локацијата и поставија заштитна ограда околу неа.
Tweet |