Петар Печков
Објавено: понеделник, 14 март 2011
Извештајот содржи податоци од 33 земји вклучувајќи ги и податоците од Македонија. Во него се нагласува дека децата во нашата земја се повеќе изложени на тешко физичко казнување (16 %), во споредба со децата од другите земји од регионот (Албанија 9%, Србија 8%, Црна Гора 6%, Босна и Херцеговина 3%). Околу 61% од децата кај нас се изложени на психолошко насилство во домот (во споредба со 64% во Србија, 56% во Црна Гора, 28% во Босна и Херцеговина и 12% во Албанија).
Во извештајот, исто така се истакнува дека во споредба со другите земји во регионот, во нашата земја постојат поголеми разлики помеѓу различните категории на население. На пример:
78% од децата кои живеат во руралните средини се предмет на насилна дисциплина, додека, пак, кај децата од урбаните средини тој број е за десет процентни поени понизок (68%). Во другите земји од регионот не е забележана толку висока разлика помеѓу децата во руралните и урбаните средини. Така, на пример, во Албанија овој сооднос е 54 рурална/48 урбана средина (6 процентни поени разлика), во Србија соодносот е 77 рурална/73 урбана средина (4 процентни поени разлика), додека во Црна Гора разликата е 64 рурална/63 урбана и во Босна и Херцеговина разликата е 38 рурална/37 урбана (само 1% процентен поен разлика помеѓу децата од урбаните и децата од руралните средини).
78% од децата кои се дел од сиромашни домаќинства се изложени на насилна дисциплина, додека, кај децата од побогатите семејства тој број е за (17) седумнаесет процентни поени понизок (61%). Во останатите земји од регионот, ситуацијата е поинаква. Така, во Албанија 56 најсиромашните/44 најбогатите (12% поени разлика помеѓу четириесет проценти најбогатите и најсиромашните шеесет проценти), во Србија 79 најсиромашните/66 најбогатите и во Босна и Херцеговина 42 најсиромашните/28 најбогатите (9% поени разлика), додека во Црна Гора 65 најсиромашните/61 најбогатите (само 4% процентни поени разлика).
Статистичките подадоци кои се користени во овој извештај се преземени од една поширока мултисекторска студија спроведена во 2005 година. Во неа, насилните дисциплински мерки се дефинирани како било која форма на физичко казнување (шлаканица, удирање или тресење на деца, како и потешки форми на физичко казнување како удирање со тврд предмет, ремен, стап или четка за коса) и психолошка агресија (викање на дете, нарекување на детето глупаво, мрзливо или други навредливи имиња кога тие направиле нешто лошо).
На посебен настан кој се одржа за време на средбата на Советот за човекови права на Обединетите Нации во Женева, експерите на ОН повикаа на подобрено собирање на податоци и истражување за насилството врз децата за да се зајакне постапувањето на владите во однос на спречувањето и реагирањето на насилството, вклучително и законски реформи за забрана на сите форми на насилство.
Највеќе насилство врз децата се врши во домашни услови – и тоа претежно се сокрива- рече Тереса Килбане, виш советник за детска заштита во УНИЦЕФ. “Намерата е со овој извештај да се извадат насилните дисциплински практики од сенката, и да се промовираат алтернативни, ненасилни форми на дисциплина и партиципаторни форми на воспитување на децата.”
Постојните студии укажуваат дека изложувањето на детето на насилна дисциплина има штетни последици врз жртвата, како и за општеството во кое тоа живее. Тие покажуваат дека и најблаги форми на физичка дисциплина се штетни за децата, се спречува нивниот когнитивен капацитет и се зголемува нивната склоност кон насилство во иднина. Насилната психолошка дисциплина – вклучително и потсмевање, закани и заплашување– исто така се покажува дека имаат низа на негативни влијанија врз однесувањето во детството и понатаму.
Tweet |