Петар Печков
Објавено: четврток, 26 февруари 2026
Вчеравечер беше промовиран прирачникот „Ориентација во природа“ од Ангелче Гушев, старешина на Извидничкиот одред „Димитар Влахов“ од Велес. Тоа е значајно дело од областа на извидничката литература на македонски јазик, која е оскудна.
Рецензија на прирачникот даде Бојан Миклош, член на старешинството на одредот кој ја истакна неговата практична применливост, стручноста во обработката на материјалот и важноста од систематска обука на младите извидници во оваа област.
„Пишувањето на прирачникот „Ориентација во природа“е одличен пример за иницијативноста. Уште во воведните страници го нагласува историскиот предизвик со недостигот на соодветна литература, кој довел овие вештини постепено да исчезнуваат од извидничката пракса. Овој мотив, како и фактот што авторот избрал да ги кондензира стручните и искуствените сознанија од областа на традиционалната ориентацијта и топографијата, претставува особено значаен концепт, особено, во време кога животните вештини поврзани со преживувањето отапуваат или паѓаат во сенка од дигитализацијата и технолошките напредоци. Овој прирачник овозможува враќање кон основите и потсетување на основните вештини за ориентација во природа и работа со карта и на карта, нешто што имаме тенденција да го забораваме или по линија на помал отпор да рационализираме дека не е повеќе важно“ – кажа Миклош.
Авторот Ангелче Гушев зборуваше за процесот на создавање на изданието, неговата едукативна цел и значењето на ориентацијата во природа како основна извидничка вештина што се пренесува од генерација на генерација. Тој истакна дека треба да се посвети повеќе внимание на Ориентацијата во природа како основна извидничка дисциплина, а овој прирачник е добро четиво кое ќе ја осовремени.
Промоцијата на прирачникот беше дел од настаните кои ги реализираше ИО ,,Димитар Влахов" по повод 22 Февруари, Светскиот ден на извидниците и роденденот на основачот на скаутското движење Роберт Баден Пауел.
На промоцијата присустувале и гости престставници од ИПО Сидро Скопје, ИО ММ-Брицо – Скопје, ИО Еквиноск – Штип, Првиот скопски извиднички одред, ИО “Браќа Миладиновци“ од Скопје, ИО “Мирко Милевски“ – Кичево и на Сојузот на извидници на Македонија.
фото Локална библиотека Гоце Делчев
| Tweet |







