Петар Печков
Објавено: понеделник, 29 февруари 2016
Во фоајето на велешкиот театар викендов беше промовирана книгата ,,Едно лето на Крит,, на Анде Јанков ( 27 год) . Тоа е негово прво дело, тој е дипломиран економист и живее и работи во Велес.
Со издавањето на книгата, сфаќам дека соништата се остваруваат, колку и да е подоцна во животот. Тие што ме познаваат рекоа дека време беше, што ќе рече дека пишувањето ми било во душата одамна. Романот се создаден за време на мојот двонеделен престој на овој остров и се одвива за еден ден. - вели Јанков.
Текстот е како филмско сценарио додава авторот и се надева дека еден ден по текстот ќе биде снимен филм. Уште од рана возраст Јанков покажува голем интерес кон пишаниот збор, пишувајќи кратки раскази. „Едно лето на Крит" е неговиот прв роман, кој е награден на конкурсот „Романијада", објавен од издавачката куќа „Култура".
Романот првенче на Анде Јанков е една возбудлива приказна, која повеќе наликува на филмско сценарио. Ја читате и имате чувство дека сте таму, постојано во исчекување на она што следи. Главните ликови Марина и Филип потекнуваат од Скопје. Речиси целото дејство се одвива во Грција, поточно на островот Крит, каде тие еден убав сончев ден заминуваат на летување. И она што треба да биде приказна за едно романтично летување одеднаш преминува во трилер филм. Киднапирање, трговија со луѓе, обид за убиство, сообраќајна незгода...- напиша за романот Ирена Димов.
Промоторот, писателот Игор Крајчев за романот ,,Едно лето на Крит,, рече дека сретнал сериозен автор кој нема да го остави читателот рамнодушен.
Сретнав автор, творец со мисла и мотиви кои пленат, со топлина во зборот и мислата, сретнав творец кој ви дава слобода бескрајно да шетате низ неговите страници а вие никако не сакате да излезете од таму - изјави Крајчев.
Tweet |