Петар Печков
Објавено: вторник, 22 ноември 2022
Археолошкиот локалитет Стоби ја промовира апликацијата „Имерсиум“ со која на посетителите им се нудат содржините преку гемифициран водич. Целта е да се привлече помладата популација. Со неа посетителот треба да го спаси животот на императорот Теодосиј, единствениот владетел на Рим, кој во 388 година го посетил Стоби.
„Апликацијата е платформа за презентација на нови содржини во Стоби. Тоа е водич низ неколку градби на локалитетот и подлабоко може посетителот да го запознае со активностите кои се случувале. Се е склопено во сценарио како посетител да го спаси живото на императорот Теодосиј“ изјави Димитар Николовски кој раководеше со проектот.
Виртуелната посетата започнува од Порта Хераклеа, полукружениот плоштад или пазар,па Епископската базилика и крштелница, преку театарот, казиното, за на крај да се стигне до Теодосијанската палата.
На апликацијата се работело две години и е заеднички проект на седум институции од пет држави од Балканот. Таа е бесплатна и е корисна само при посетата на локалитетот , може да ја користат посетители на возраст над 13 години. Финансирана е од средства на проект на ЕУ.
„Апликацијата е интерактивна, бара од посетителот освен прошетка низ локалитетот, да одговори на неколку прашања. Практично да игра игра, има виртуелна реконструкции на неколку објекти. Во основа е едукативна. Низ игра и забава посетителот да научи повеќе за локалитетот. Така ќе имаме и повеќе посетители, поголем интерес за локалитетот“ - кажа Спасе Перовски, директор на НУ Стоби. На промоцијата присуствуваа ученици од средното училиште Коле Неделковски.
Проектот за изработка на апликацијата е со учество на Национална установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби, Центар за социјални иновации Блинк 42-21 Скопје, Универзитет Аристотел Солун,Фондацијата Балканско наследство Софија, Археолошки институт за археологија Белград, Градски музеј Љубљана и Nexto Словенија.
Ваква апликација како дел од проектот е изработена и за локалитетот Емона кај Љубљана и за Виминациум кај Пожаревац.
Локалитетот Стоби има претходно изработено уште една апликација, виртуелна реалност за борба на гладијатори.
Tweet |