Петар Печков
Објавено: вторник, 09 ноември 2021
Промовирана е книгата „Велес во Втората Светска војна 1941-194“ дело на проф. д-р Ѓорѓи Малковски. На петстотини страници е опишан градот во виорот на војната, случувањата во Велес, животот на населението. Книгата е уникатно историско дело, капитално дело за градот, на која авторот Малковски кажа дека посветил 20 години од неговиот живот, во собирањето на податоците, документи и пишувањето.
„Книгата освен политики, содржи и економски, културни, просветни факти за периодот 1941-1944-та година. Таа е еден сублимат на Велес за даденото време и тие се врз основа на архивска граѓа. Книгата е аманет и траен белег, за идните генерации, да знаат за градот како се живеело, во тој период. Има податоци и за делувањето на 8-та Велешка бригада, одредот Димитар Влахов, одредот Трајче Петановски. Има податоци кои прв пат се објавуваат во јавноста, за состојбата со контрачетниците, со ВМРО- Михајловистичката. Со ова се одолжуваме на градот во пресрет не неговиот празник 9-ти ноември, денот на ослободувањето“ - кажа Малковски, кој е роден велешанец.
Книгата ја промовираше Стефан Мицов Влахов. Тој потенцираше дека оваа книга не е значајна само за градот Велес, туку и за македонската историографија.
„Книгата е документарно сведоштво во кое се гледа, чита духот, животот и борбата во градот. Авторот ги користел архивите на Србија, Бугарија,во Вашингтон, и сите архиви тука во Македонија. Така освен што е научен труд таа е и драматичен расказ за македонската борба. Таа може да се чита и како роман, создаден од вистински животни приказни. Во неа има многу значајни податоци за македонската антифашистичка борба “ - рече Влахов.
Во книгата има 220 фотографии, карти, скици. При нејзината подготовка истражувал низ домашни и странски архиви, весници, создал околу 20 илјади страници искази на стотина борци, живи сведоци од периодот 191-1944. Малковски е македонски историчар, научен советник и редовен професор во Институтот за национална историја во Скопје.
Книгата е дел од поголем проект за Велес низ историјата, започнат 1992 работен до 1998-ма, во време кога градоначалници беа Трајко Пренџов и Ордан Николовски, кој не се заврши но некои од авторите ги издадоа нивните трудови. Досега е издадена и книгата „Велес меѓу двете светски војни“ на Зоран Тодорвски и Надежда Цветковска.
Tweet |