Петар Печков
Објавено: петок, 30 јуни 2023
Велешанката Снежана Пановска Луиќ, која живее во Германија вчеравечер ја промовираше нејзината втора книга, стихозбирката „Касела“. Во неа се запишани 43 песни, создадени на различни теми. Промотор и рецензент беше Соња Карбева, професорка по македонски јазик.
„Авторката се обидува својот микрокосмос да го смести во нејзините 43 песни, творби. Тоа се изблици на нејзината душа, тоа се зборотворби. Ако во каселите нашите баби ги чувале нивните ракотворби, нивниот мираз, тогаш во Каселата на Снежана се зборотворби. Тоа се песни кои се прекршуваат низ нејзината емотивна призма, светот кој таа го носи со себе. Во песните се чувствува и велешките сокаци и велешката чаршија, ќе ја почувствуваме носталгијата за југот, за дома. Ќе видиме прекрасен грст на спомени, со кои не враќа назад, кога се негувале старите семејни вредности“ - кажа Карбева.
Издавач на стихозбирката „Каела“ е Центарот за научна фантастика со седиште во Велес. Промоцијата беше во книжарницата Збор, каде може да се набави и книгата.
„Далечината беше мојот предизвик за да ја создадам оваа книга. Како тече животот, така доаѓа и песната, зборот. Песната не е повикана, таа доаѓа инспирирана од луѓето, се што околу мене. Во моите песни не постојат граници, бидејќи моите блиски се далеку, меѓу нас не постои граница а постои љубов“ - рече Снежана.
Нејзината прва книга беше „Бесмртно гнездо“ создадена 2004 година.
Tweet |