Петар Печков
Објавено: вторник, 03 декември 2019
Во велешката библиотека беа промовирани четири аудио книги, наменети за лицата со инвалидност. Промоцијата беше во рамките на одбележувањето на 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со инвалидитет. Здружението на слепите лица на Општина Велес кое е издвач, ги претстави четирите нови наслови на аудио книгите: „Модричка тетратка” од Бошко Смаќоски, „Бела Грива” од Рене Гијо, „Мице” од Ванчо Николески и „Златното фенерче на летото” од Рајко Јовчевски.
Со новите четири изданија, повеќе се посветивме на помладата публика, бидејќи таа е иднината и да побудиме интерес кај најмладите. Ова е проект го работиме подолги години наназад. Ова е наш придонес кој промовирањето на македонска и светската книжевност. Живееме во време кога се има се помалку време за читање а аудио книгата овозможува слобода при читањето и е прикладна за лицета со инвалидност -рече Игор Крајчев директор на Градската библиотека ,,Гоце Делчев,, од Велес.
Претседателот на Здружението на слепите лица од Велес, Тони Пајдаков посочи дека читањето на аудио книгата зема се поголем замав. За ова ги посочи бројките од посетеност на аудио библиотеката на Националниот сојуз на слепите на Македонија.
Иако проектот за аудио изданија започна со скромни очекувања, денес со гордост можам да кажам дека очекувањата ни се повеќекратно надминати. Од 2016-та година досега имаме скоро еден милион преслушувања, 364 илјади преслушувања годинава, а само последните 24 часа сме имале пет илјади преслушувања - кажа Пајдаков. Текстот од книгите го чита Тодор Крајчев.
Со промоцијата на овие четири нови изданија се зголемува фондот на аудио книги издадени од Здружението на слепите лица од Велес, на 16 аудио наслови и 38 книги со Браево писмо.
Tweet |