речник контакт

Промоција на здрава храна во Богомила

Чистата природна средина, здравата храна и традицијата се редок сплет кој може да се најде во центарот на Македонија, во регионот на Азот, општина Чашка. За поголема афирмација недостига сообраќајна инфраструктура и сместувачки капацитети

Петар Печков

Промоцијата на локалните земјоделци и локалните производи, традиционалните носии, специјалитети и рачните изработки беше на петтиот Саем на здрав храна, кој годинава се одржа во село Богомила, во неделата. Овој крај изобилува со здрава и чиста еколошка храна, која е се повеќе барана на пазарите. Годинава имаше понуда на рачни изработки, кои беа вистинско откритие за бројните гости и барем на еден ден ја освоија Богомила.  

Изработувам дрвени вагани, авани и толчници. Изработени  се од буково дрво, може и од јавор, орев, во нив има вложено многу труд  и работа. Треба да се појде в планина, да се пресече дрво,  истото да се делка, оформи.  Се купуваат во Скопје, Прилеп, Велес. Цената е од 150 до 300 денари според големината. Може да се користи за пинџур, салата, чување овошја, наместо во пластика, подобро е  во овие дрвени авани бидејќи  имаат природен  вкус – вели Димо Петровски од Ореше. 

Оваа манифестација го покажува духот на малите места и можноста жителите да покажат што нудат за гостите. Богомила  еден ден живееше во знакот на саемот и дружењето, што беше можност за промоција пред гостите и нивно уживање во пријатниот ден, кога низ воздухот се ширеше мирисот на пролетта.  На друг штанд имаше понуда од икони изработени во оревина. И тие беа привлечни и интересни  за посетителите. Семејството Димовски од Нежилово   нудеше икони во резба.

Овие икони се барани, ги работиме и по порачка. Најчесто се бараат ликовите на  Исус Христос и мајка  Богородица. Мојот сопруг со оваа работа се бави десет години назад, самоук е. Може да се живее,  но кога ќе  ја слушнат цената од  четири илјади за икона, мислат дека е скапо а не знаат колку труд е вложено - објаснува Јованка Димовска.

Меѓу понудата на манифестацијата имаше и сушени печурки, теовски грав, јаболчишки компир. Природните карактеристики на овој дел од централна Македонија, се планините со густи шуми на Јакупица и Даутица, чистите планински реки Тополка и Бабуна и регион и без индустриски капацитет. Со својата недопрена убавина и природните богатства Азот е примамлив за гостите.  Градоначалникот посочува дека инфраструктурата е единствениот проблем за поширока промоција.

 Азот е регион познат како производител на квалитетни градинарски и сточарски производи, лидер по производството на здрава еколошка храна. За успешно земјоделие потребна е и добра инфраструктура а нас ни недостигаат патишта и сместувачки капацитети. За таа цел годинава веќе се започнати активностите за изградба на пат до селото  Горно Јаболчиште во должина од 11 км и кон селото Мокрени во должина од 8 км. Во Богомила ќе се догради постојниот мотел со поголем број соби а очекуваме дека конечно и хотелот во Горно Врановци ќе ни биде предаден и да работиме со него. Манастирските конаци во  село Согле набргу ќе бидат готови и таму ќе може да престојуваат гости – вели градоначалникот Горан Пановски.

Тој најави дека може да се очекува конечно да биде решени и проблемот со пат од Богомила до Прилеп, преку Јакупица.  Поправката на патот до Прилеп во должина од 7-8 км е важна за да може земјоделските производи да стигнуваат и на тој пазар побргу а не само кон велешко. За многуте гости  на Саемот беа подготвени и педесетина локални специјалитети, кои на селската трпеза ги снема за десетина минути. Помалата понуда на свеж зеленчук  и други градинарски и земјоделски производи, беше причина организаторот  да најави до година  дека манифестацијата ќе биде кон крајот на септември или почетокот на октомври.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »