Петар Печков
Објавено: петок, 16 ноември 2012
Претставници на повеќе универзитети од Европа, Велика Британија и Северна Америка ја посетија локацијата над езерото „Младост‘‘ каде е можна изградба на студентски кампус, ако тие пројават интерес.
Претставниците од универзитетите, кои учествуваат на конференција во Скопје, со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, со министерот за странски инвестиции Виктор Мизо, со претставници на општина Велес и индиска делегација заинтересирана за инвестирање во проектот изразија задоволство од локацијата и условите над велешкото езеро „Младост‘‘ за изградба на студентски кампус.
Локацијата која што им ја покажавме на гостите им се допадна и јас сум убеден дека изградбата на Универзитетски град на над 70 хектари површина ќе може многу бргу да се реализира. Се работи за многу амбициозен проект во којшто беа вклучени повеќе универзитети од целиот свет, а тоа значи Македонија, односно Велес има шанса наскоро да биде седиште на еден таков образовен проект, изјави градоначалникот на Општина Велес, Горан Петров.
Тој изрази надеж дека наскоро овој проект ќе почне практично да се реализира, а што ќе биде од големо значење за локалниот економски развој на Општина Велес
Предност на локацијата е близина на автопатот Скопје–Велес и аеродромот што е добар услов таа да биде прифатена. Со тоа и Велес ќе прерасне не само во македонски, туку и во балкански универзитетски центар. Според Мартин Лукет од Велика Британија ова е многу интересен проект којшто ќе привлече високи школски установи, бидејќи локација со езерото е многу убава.
Многу е важно што ја добиваме поддршката и од централната и од локалната власт. А нашата цел е да се развие оваа зона и јас сакам овој проект да се реализира. Останува на локалната власт да ја обезбеди сета потребна инфраструктура за реализација на проектот, додаде Лукет.
Tweet |