речник контакт

Протест на стечајните работници во Велес, си ги бараат неисплатените а досудени плати

На собирот говореа и политички претставници а нивното обраќање наиде на револт кај стечајните работници

Петар Печков

Повеќе стотина велешани, поранешни вработени во неколку  тогаш моќни фабрики, се собраа на протест пред Основен суд Велес. Стечајните работници од  Порцеланка, Лозар, Свилара, Киро Ќучук, Елегант, од споменикот на Панко Брашнар кај Касарната одеа пеш до центарот на градот, полни со надеж дека ќе слушнат како да ги остварат своите права, по неисплатените плати.  Но наместо тоа слушна политички ветувања од маргинални партии.

Имам извршно решение за исплата на 54 плати, работев во Киро Ќучук. Се надевам дека ќе слушнеме како  да се исплатат овие средства, некој правен совет - вели поранешен работник во некогаш најголемата циглана во земјава. 

Такви беа надежите на сите собрани. Еден од говорниците им порача дека не треба да губат надеж, посочувајќи им го случајот со,,зеленети елеци,, во Париз. 

Француските работници протестираа  секоја сабота и се изборија за многу од правата кои ги бараа. Така и ние мора да се бориме за нашите права - рече Горан Зафировски. 

Поранешен директор во АК Лозар, Томо Крстиќ стечаец,  сега пензионер праша зошто системот затаил.

Што правеа Основен суд Велес, стечаен судски совет, Основно јавно обвинителство Велес во сите овие случаи? Каде се и зошто извршителите не ги наплатат  неисплатените плати, неплатениот стаж. Можат да попишуваат имот и наплатуваат огромни суми од граѓаните за неплатени сметки, ама не можат од државата, обврски кои се правосилни - рече Крстиќ.  

Дел од говорниците испорачаа и  политички пораки и  најавија дека се ќе им решат по изборите на 12 април, ако гласаат за нив. Ова го прелеа трпението на повеќето од собраните работници, кои негодуваа и реагираа.

Дојдовме да слушнеме како да ги оствариме нашите права, нашите неисплатени плати. Каде се адвокатите кои ни ги ветувавте, сакаме да слушнеме имаме ли право на овие плати или не. Пари ни земавте, секој по 900 денари плати, иако кога дојде синдикалистот Марјан Ристевски во општина, ни кажа дека не треба да плаќаме. Не дојдовме да слушаме политички говори, баравме правник, што бара тука Солза Грчева- кажа поранешен работник во Порцеланка.

Дополни дека организаторот на протестот, претходно во текот на летото лани, собрал околу илјада судски решенија за извршна  исплата на неисплатени плати, кои ветил дека ќе се решат. Половината од стечајците на рака платиле по 900 денари. 

Парите ги земавме за да платиме кирија, телефон, струја од канцеларијата, за членарина. Треба сите да платат, не може едни да платат а други, поединци не и да чекаат да им се реализираат нивните права  - рече Марјан Зафиров еден од организаторите на протестот и претседател на  Независниот синдикат на лица со посебни потреби ,,Нова ере,, која се декларира дека е мултиетничка синдикална организација. 

АНКЕТА »

На што се греете зимава?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »