Петар Печков
Објавено: понеделник, 04 февруари 2019
Со протести на приодите на Велес од правец на Штип и кај Градско кои беа блокирани од вработени на шумската полиција тие го изразија револтот преку Независниот синдикат и бараат подобри услови за работа. Потоа сите заминаа пред Министерство за земјоделие и пред Влада каде ги продолжија протестите. Претседателот на Независниот синдикат на шумска полиција, Никола Гаговски вели дека платата на шумските полицајци е под просечната.
Ако просечната плата во Република Македонија е 24 000 денари, шумскиот полицаец зема 16.800 денари, ние сме ни приближно до просечната плата -изјави Гаговски.
Претседателот на Независниот полициски синдикат, Гоце Делчев Тодев реагира дека шумската полиција во земјава постои само на хартија:
Шумската полиција постои само на хартија. Носат оружје на себе, но пиштолите се ставаат по џебови, во чорапи и чизми. Опрема немаат. Немаат футроли. Начинот на чување на оружјето е нешто за кое во наредна прилика, не дај Боже ќе треба сериозно да разговараме- кажа Делчев.
Тој вели дека врз основа на одлука што Владата ја има донесено на седница, ланската година, шумските полицајци треба да добиваат плата, повисока за 20 проценти. Сепак, поради тоа што надлежните се’ уште не ја имплементирале оваа одлука, дел од вработените се одлучиле за тужби, а при судските процеси, пресудите се во нивна корист:
Дваесет проценти по основ овластување на шумски полицаец е работа која Владата и министерот за земјоделие мора итно да ја спроведат, бидејќи Законот за шумарство е дециден. Според него, шумскиот полицаец е полициски службеник со овластувања. Платите се се’ помали за шумскиот полицаец. Измислуваат да прекувремените часови се плаќаат до одредена бројка на часови, па измислија да одредени часови кои се во однос на турнусот бидат само вечерните часови плаќани, измислуваат одредени прашања со кои на крај платата на шумскиот полицаец е помала од 800 до 1500 денари - додаде Делчев.
Во шумската полиција има околу 400 вработени кои се грижат за сечата на шумите.
Tweet |