Петар Печков
Објавено: петок, 04 август 2023
Противпожарниот воз на Македонски железници е три седмици во функција, но засега нема работа. Започна со дежурства подоцна од претходни години бидејќи до 15 јули имаше дождлив период. Возот се состои од две цистерни со по 50 тони вода и еден вагон со агрегат кој служи за пумпање на водата но и осветлување на теренот ноќе. Возот има можност да создава пена со која се гасне огнот.
„Засега возот немаше интервенција, имаше само едно барање од локалната власт,за пожар во околината. Ако годинава засега е мирно покрај пругите на МЖ, се помнат 1999, 2000 и 2010 година, кога по кажувањето на вработените секој втор ден имале интервенција“ - вели Тони Ѓуревски, раководител на сектор во МЖ Инфраструктура.
Дометот на водата од цистерните била 30 до 40 метри покрај пругата, за пожарот кој бил кај Отовица, бил оддалечен стотина метри од неа, поради што не можеле да помогнат. Вкупно ангажирани лица железничари се осуммина кои дежураат 24 часа а го опслужуваат по две обучени лицево една смена.
„Дали, каде и кога ПП возот ќе интервенира одлучуваат во раководниот центар на МЖ. Возот е стациониран на железничка станица во Велес, најмногу поради пругата кон Богомила, која е угорнина и локомотивите кога возат искрат па најчесто тука се случуваат пожари. Тој може да интервенира и кон Кочани, Гевгелија, Скопје. За негово придвижување послужува било која локомотива која во тој момент ќе се најде на Железничка станица во Велес, бидејќи овој воз има приоритет“ - додава Ѓуревски.
Од Македонски железници ја истакнуваат соработка со противпожарната единица од Велес, од каде во случај на пожар се полнат цистерните. Овој воз има функција на хемиски воз. Мине покрај пругите во рана пролет ја прска околината за сузбивање на вегетацијата.
Tweet |