Петар Печков
Објавено: петок, 29 април 2011
Велешките граѓански здруженија и локалната власт се откажаа плаќањето на понатамошно вештачење вредно 50 илјади евра, заради докажување на загаденоста на почвата во околината на градот. Тие на вчерашното ( четврток) судско рочиште во предметот општина Велес, против Република Македонија побараа како вештачење во предвид да се земе „Геохемиски атлас на Велес и неговата околина“ научна студија од д-р Трајче Стафилов од Природно – математички факултет, од 2008-та година. За тужителите е неприфатливо да платат 3,1 милион денари колку што побарале од Технолошко – металуршкиот Факултет од Скопје за изработка на ново вештачење.
Бараме од ТМФ да одговори колку од овие пари се награда за истражувањето а колку трошоци за работа, бидејќи во мојата пракса морам да признам дека ова е невообичаено висока сума што е побарано. Во слични други сложени вештачења имало далеку пониски вредности. Бараме и споредбено од Природно – математичкиот факултет да кажат колку пари би вредело нивното вештачење, кога би се искористило истражувањето на нивниот колега Стафилов, кое е понудено како наш доказ – изјави Ристе Каров бранител на тужителите.
Со ова се согласи и државниот правобранител, во интерес на економичноста на процесот. Со тужбата велешани бараат нематеријално обештетување за три децениското загадување од топилницата, бидејќи државата не презела никакви мерки, тоа да се спречи. Доколку тужителите би го добиел процесот, тие бараат да се исчистат јавните површини во градот и земјоделските во неговата околина.
Зелената коалиција нема да плаќа натамошни обврски за вештачење, за нешто што е ноторен факт. Општо познато е дека Велес е загаден град со катастрофални последици од работата на топилницата, тоа го нотираше и Светската здравствена организација (СЗО), тоа го има и во сите документи на Министерството за животна средина. Параметрите за загаденоста на почвата се научно докажани, со повеќе научни трудови и зошто сега да се плаќаат три милион денари за нешто, што е неспорно. Тоа е безобразно фрлање на пари – вели Ненад Коциќ член на Зелената коалиција, граѓанско здружение во кое влегуваат десетина невладини здруженија од Велес со еколошки предзнак, заедно со Општина Велес.
Тие посочуваат дека во тужбата имаат доказ за загаденоста на почвата, тоа е научната студија од д-р Трајче Стафилов од ПМФ од 2008-та година. Авторот за ова дело „Геохемиски атлас на Велес и неговата околина“ е добитник на државната награда ,,Гоце Делчев,, за наука во 2009-тата. Тужителите потсетуваат дека претходно со пари од ЕУ, преку програмата ,,Ептиса,, уште во 2005-тата е докажано големо присуство на тешки метали во велешката почва. Но не само овие два труда, туку и последната анализа изработена од ПМФ во есента 2010-та се со идентични резултати.
Велешката почва е енормно загадена со тешки метали, олово и кадмиум, кој се присутни во длабочина до 50 цм и со концентрации до десет пати повеќе од максимално дозволените а ги има повеќе и од критичните вредности на СЗО
Tweet |