речник контакт

Прочка во Велес, пред 70 и кусур години

Сеќавања на овој ден за првата половина на минатиот век

Петар Печков


После идеше Прочката... Прочката денот не го сменуе, датото го сменуе. Обично во недела. На Прочка ќе правиме сурати, ќе се преправаме... и ќ’одиме од куќа на куќа... и ќ’играме, и това обавезно по дванајсе души одевме: момче, невеста,  баба, дедо, ѓавол, доктор, благар, се си имаше називи. И како сватови, нели... и одеме од куќа на куќа... и ни даваа блакце и  париче. Една година одевме шо одевме по куќите... и благарот шо беше Тасе Спасев, Пешо – презиме... и коа дојдовме кај Карастојанови, испаѓаме откај Карастојанови и викаме: „Дај да видиме колку благо собравме!“... Коа ќе видиме, у кошничето нема ништо. Тоше го изел благото... и ајде ќотекот...

А на Прочка обавезно, ја, како младоженец, со мустаќи ќе ми направат, сето тоа, облечен, сестра ми ќе се направи како невеста и одеевме по роднините. Това одеевме докај двата саатот, откај десетте докај двата саатот и си се прибиравме дома. После постарите одеа, па кај постари луѓе на бакни-рака, на проштевање. Таа традиција е сочувана до ден-денеска. (Јордан Таќев, 1934)

Прочкари одеа ли? Одеа- сме се преправале, кое невестиче, кое машко така, сме оделе кај поблиските, па и некое париче коа ќе паднело па, колку сме биле радосни...  Па тие, повозрасните, обавезно со протокал за жената, а за мажот – лимоњ. Се сеќавам, мајка ми, откоа ќе завршеле гостите, отприлика знаела кои повеќе ќе дојдат ... и после ќе земеше... кај татка и ќе претрчаше, ќе отидеше да... да се прости. (Магдалена Нешова, 1937)

На прочка се одело порано? Се одело преправени жените, ние на пример, имам јас и слики, преправени поручокта сме оделе, а сабајле машките. И поминуала у Велес, сеа кој бил како, коа сум била мала, мртовечка глава кол некој преправен е тогај ногу ме страеше мене... Сме испаднале надвор, ќе мине мртовечка ли, корска глава ли не знам сеа, тоа препраено високо и се сме бегале од тоа. Женските у невеста, у баба, така преправени... (Султана Здравкин, 1933)

Друг случај кога се собираа они беше на прочка, кога се амкаше кога се ставаше на... да висе горе, закачено на таванот со закачок, па се ставеше чушка, се ставаа друго, али и алва – онаа бела алва. Е тогај за белата алва сите се бореа да ја лапнат... Али не смее со раци да се фаќа, само со устата, така да, често пати децава сакале да ја фатат со рака и ќе не удрат по рака... Тоа беше интересни случаеви кога се среќаваа овоа родниниве во нашата куќа, нели... И тоа ми останало во впечаток, мислам дека беше интересен и најубав впечаток од сите времиња коо дете шо сум била... (Бојанка Андонова, 1918)

Од книгата „Така се зборува во Велес“ од Снежана Петрова – Џамбазова.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »