речник контакт

Работниците во Велес табак, како Ленка на Рацин, нема кој да им ја плати нивната мака, нивниот труд

Протест поради неисплатени осум плати на вработените во Велес табак. Раководството молчи, не одговара на прозивките. Монополот стар 93 години пред затворање?

Петар Печков

Откако осум месеци немаат земено плата, вработените во ,,Велес табак,,  друштво кое се бави со откуп на тутун протестираа во кругот на фирмата.  Како некогаш Ленка на Рацин , така и тие денес се жалат, дека друг печали на нивната мака и труд. Нивните колеги во другите откупни фирми земале редовно и три пати повисока плата а тие се во неизвесност за сработеното.  И покрај укажувањата, напорите да ги добијат нивните заработени плати, да им бидат платени придонесите за 10 месеци, раководството одбивало дијалог. Им ветувало дека парите ќе ги добијат, но пари и натаму нема. Откако најавиле дека  работниците ќе протестираат, првите луѓе не се појавиле на работа,  избегале.

Подолго време сме на работ на егзистенција. Залудни беа нашите барања да ни се исплатат платите, придонесите, раководството е немо. Затоа сме тука на капијата да го искажеме револтот од лошата состојба во друштвото. За тоа виновни се директорката Лујза Јанева, претседателот на Бордот на директори Валентина Ристова и менторот на ваквата состојба професорот од Земјоделски факултет Гичев . Ние сме жртви на една тортура која се врши последните осум месеци – изјави Гоце Марков претседател на синдикатот во  ,,Велес Табак,,  кој е дел од Центро табак.

Тој посочи дека до неодамна биле  50-тина вработени,  поради беспарицата  половината решиле да заминат технолошки вишок, но при потпишувањето биле уценети дека ќе одат ама  отпремнина нема да добијат. И покрај беспарицата во фирмата, тие се решиле да откупуваат тутун од почетокот на годинава. Откупиле околу 200 тони тутун иако немале пари ни за плати а не за тутунарите, 130 тони биле продадени, 40 тони исплатени, а  парите  кои легнале во фирмата  брги  ги снемало,

За се имаше пари, за вработените не.  Тутунарите сега кај нас се јавуваат, бараат пари оти ние откупувавме а раководството бега. Ние им се извинуваме што дојде до ваква ситуација. Земјоделците ќе си ги земат најверојатно преку банкарска гаранција. Неодамна една од банките поради долг од 256 милиони денари на Центро Табак, подигна преку извршител еден  милион килограми  тутун, кои биле  складирани кај нас. Еве и сега се празнат магацините. Кога преку Агро синдикатот  си ги побаравме парите за поврат на ДДВ, од УЈП ни одговорија дека долговите кон нив се далеку повисоки од парите кои треба да ни се вратат – велат вработените.

Проблемите започнале пред шест седум години, по што вработените изгубиле дел до нивните дотогашни права а Велес табак  велат станал ,,заложник,, на Центро Табак и се до денес работеле за него.  Во 93- годишната историја на некогашниот  велешки Монопол, сега Велес Табак,  досега ваков случај вработнците не паметат, да се доцни толку долго со платите.

Рацин на времето пишувал за Ленка која одела во овој Монопол да работи. Е сега е истата ситуација. Кој ли сега ќе ја пишува нашата мака, нашиот труд, кој ќе ни го плати. Дома синот  мене ме рани, наместо јас нему да му помагам. Ни велат дека сме биле превработени а останавме 20-тина работника.  Колегите во другите тутунски фирми земаат три пати повисока плата, ние ни  13 илјади не ги земаме. Кога на светските берзи тутунот се бара ние пропаѓаме – вели една до работничките. Посочуваат дека и во некои дамнешни времиња  секогаш имало пари за наемните работници, денес покрај толку инспекции плати за работниците  нема.  И покрај обидите за контакт со раководството на Велес табак, тие не се јавуваа на нивните мобилни телефони.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »