речник контакт

Рак на простата - ноември месец на машкото здравје

Скрининг на мажи за рано откривање , знаци и симптоми на рак на простата

Петар Печков

И оваа година како и претходните, во светот се одбележува ноември, како светски месец на машкото здравје. Во рамките на здравствените кампањи во овој месец акцентот се става врз превенцијата на ракот на простата, болест која станува се почеста, а сепак ако се открие навреме има можност за нејзин дефинитивен третман.

     Што е рак на простата?
Ракот на простата е малигно заболување. Простата е жлезда која е лоцирана под мочниот меур и пред ректумот. Нејзината функција се состои во производство на течност која ја храни и пренесува семиналната течност. Ракот на простата настанува кога клетките кои го градат ѕидот на истата почнуваат абнормално да растат.

           Какви видови на рак на простата постојат?
Речиси сите малигни неоплазми на простата се аденокарциноми, односно потекнуваат од жлездените клетки на простатата. Останати можни, но сепак ретки видови се: карциноми на ситните клетки, карциноми на преодни клетки и некои невроендокрини тумори.
Состојби што може да претходат на ракот на простата
Истражувањата укажуваат за висока поврзаност на одредени здравствени состојби со абнормален раст на клетки, кои може да претходат и да резултираат евентуално со развивање на рак на простата. Тоа е простатичната интраепителијална неоплазија. Таа може да биде со клетки од низок градус (кога клетките се наголемени во број, но клетките се со нормална структура како и здравите простатични клетки) и со висок градус (делбите на клетки се почести и клетките се со неправилна структура).

     Ризик фактори за рак на простата
Постојат бројни ризик фактори за развивање на рак на простата:
-Возраст (оваа состојба е ретка кај мажи помлади од 40 години, така што со зголемување на возраста расте и ризикот)
-Етничка припадност (почеста е кај мажи со потекло од Африка)
-Фамилијарна историја (доста често има позитивна фамилијарна анамнеза)
-Генски мутации (мутации на BRCA1 и BRCA2 гените, што истото така влијаат врз развивање на рак на дојка и на овариуми, може да го зголемат ризикот за развивање на рак на простата исто така)
-Пушење и исхрана
-Воспалителни болести на простата
-Сексуално преносливи болести

       Скрининг на мажи за рано откривање на рак на простата

За да има дефинитивна дијагноза за присуство на рак на простата, потребно е потврдување на дијагнозата со правење на биопсија. Одредени испитувања кои не се инвазивни, може да посочат кон сомневање за присуство на абнормалности на простата. Такви се испитување на ПСА – простата специфичен антиген и дигиторектален преглед на простата.

ПСА испитувањата се прават преку земање на примерок во крв и испитување на вредностите на истиот. Доколку вредностите на ПСА се под 4 ng/mL, наодот се смета за уреден. Но доколку тие се повисоки се препорачува консултација со уролог и понатамошно испитување барем со ехо на простата.

Дигиторекталниот преглед овозможува мануелен преглед, при што може да се забележат неправилности во формата и површината на простата, што би можеле да укажат на некое постоечко заболување на истата. Постапката за понатамошно следење е исто како и со ПСА, при што на тие пациенти што не направиле ПСА испитување им се препорачува да го направат истото.

          Знаци и симптоми на рак на простата
Постојат некои чести знаци за присуство на малигно заболување на простата:
-Крв во урината
-Проблеми со уринирање, слаб и испрекинат млаз, со зачестено ноќно мокрење
-Еректилна дисфункција
-Болка
-Неконтролирани нагони за мокрење

         Третман на рак на простата
Третманот се врши со оперативен третман придружен со хеморадиотерапија. Оперативните зафати може да бидат тотална радикална простатектомија, при што се отстранува целата простата, или пак трансуретрална ресекција на простата, при што се отстрануваат само делови од истата.
Состојбата со рак на простата во Република Северна Македонија

Во 2020 година од рак на простата во Република Северна Македонија починале 243 лица. Од тие 243 лица, 142 биле на возраст над 75 години, 75 на возраст од 65-74 години, 24 на возраст од 55-64 години и 2 на возраст од 45-54 години.

ИЗВОР: ИНСТИТУТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ   IPH.MK

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »