Петар Печков
Објавено: понеделник, 20 март 2017
Со победата во дербито на 17-то коло од ракометното првенство Борец влезе меѓу шесте најдобри екипи и ќе учествува во плеј офот, каде ќе се решава за првак. Против директниот конкурент за четвртото место, екипата на Прилеп 2010, велешани славеа со 41:39, (23:21) во натпревар кој беше ефикасен и со дожд од голови. Иако прилепчани има лош старт пролетва, во две кола забележаа два порази, во Велес не се предаваа. Домаќините во поголемиот дел од средбата во водство, освен во средината на првото полувреме. Во 50-та минута водеа и со 37:30 за на крајот гостите да намалат на само минус два. Во овој натпревар кај Борец најефикасни беа: Стојановски со 11 гола, Димитриевски 10 -5 од седум метри и 9 на Илиев. Кај гостите по 9 гола постигнаа: Бозаровски и Орјоникадѕе а 8 имаше Јанчев. По ова претпоследно коло ГРК Борец остана на четвртото место со 29 бода, кое води во плеј офот. Во последното 18-то коло гостува на Пролет 62 во Скопје кој има седум победи и 22 бода.
Победа забележа футсал екипата на Велес. Во 19-то коло во Куманово совладан е Илирет, кој е претпоследен на табелата, со 1:9 . Натпревар со една непозната, прашање само колку гола ќе постигнат велешани. Стрелци на головите за КМФ Велес беа Петровиќ 3, Глигоров 2, Крстевски, Ранготов, Левески и Муртезани по еден. Велс останува втор со три бода помалку од лидерот Шкупи. Во првенството во футсал следи пауза поради подготовките на репрезентацијата.
Пораз овој спортски викенд забележаа одбојкарите. Тие во Тетово се поразени од екипата на Лешок, кој оваа пролет се засили со повеќе квалитетни одбојкари. Велешани загубија со 3:0 (20,15,21). По ова 11-то коло ГОК Борец останува трети со 17 бодови додека Лешок се заканува со 16 бода и е четврти. Во следното Борец го пречекува скопски Вардар кој е шести со 12 бодови.
Tweet |