Петар Печков
Објавено: понеделник, 13 мај 2013
Расипан товарен воз и расипантеи железнички рампи го блокираше патниот сообраќај во градот 60-тина минути, неделата навечер. Инцидентот се случи околу 21 часот кога товарен воз кој сообраќаше од Гевгелија за Скопје се расипа на патниот премин кај Народната црковна кујна. Поради ова возот ги блокираше останатите два премина, кај Дворови и кај НА-МА преку кои не беа во можност да минат ниту автомобилите ниту пешаците. Сообраќајната полиција затоа ги пренасочуваше сите на единствениот слободен премин на Стар мост.
Ова предизвика револт кај велешани а некои за да го скратат правецот минуваа и преку товарните вагони, иако тоа не беше безбедно. Така 60-тина минути жителите на месноста Дворови беа отсечени од светот бидејќи возот ги блокираше сите премини, но среќна околност е што во овој термин немаше потреба од интервенција на некоја од итните служби, доктори или пожарна. Тие физички не можеа да стигнат таму иако е центар.
Од Македонски железници информираа дека товарниот воз се расипал и не можел да тргне поради што морало да се чека друга локомотива која ќе го турне. Возот не можел да се движи оти морал да застанува на секоја рампа во Велес, бидејќи тие биле расипани и според прописите, требало да ги информира минувачите на премините. Од честите тргни застани на рампите во градот, возот се расипал а носел товар од 1,5 илјади тони па му требало помош за повторно да тргне.
Во текот на утрото биле поправени и електронските безбедносни рампи, па сообраќајот и патнички и железнички низ Велес се нормализира.
Tweet |