Петар Печков
Објавено: петок, 07 јуни 2019
Поетот Рацин е под заштита на УНЕСКО. Ова ново сведоштво, кое малкумина го знаеле, за прв пат на јавноста и го соопшти проф. д-р Људмил Спасов на отворањето на 56-тите Рацинови средби. Тој како доказ ја покажа книгата издадена од УНЕСКО -Светската организација која ја промовира културата. Со оваа книга Рацин, пред триесетина години влегува во изборот на словенските писатели, на светското наследство.
Да знаеме и да бидеме горди, дека Кочо Рацин е под заштита на УНЕСКО, како што и е Охридското езеро. За жал, држава сме која не знае да ги памети традициите. Малкумина го знаат ова, кое се случи во СФРЈ во средината на 80-тите години. Тоа беше голема културна акција на УНЕСКО во која се влезени најзначајните словенски писатели. Меѓу сите нив е и Кочо Рацин. Тешко било во рамките на Југославија да се пробие македонски поет, благодарејќи пред се на Матеја Матевски, Борис Вишински, Рацин влегува во оваа едиција, се преведува и се печати -кажа д-р Људмил Спасов.
Тој книгата ја подари на велешкиот Народен музеј. Таа е напишана на француски јазик, како еден од официјалните на УНЕСКО а текстот во неа е дело на академик Александар Спасов.
Информација беше презентирана на изложбата на книги ,,Белите мугри издадени на други јазици,, а книгите се од приватната архива на академик Алаксандар Спасов . Меѓу нив беше и оригиналното издание на ,,Бели мугри,, отпечатена 1939-та во печатницата на Драгомир Шпулер во Самобор, близу Загреб.
Да не заборавиме тогашниот тираж на книгата бил четири илјади примероци, што за денешни услови во 21 век во земјава е незамисливо - потенцираше Људмил Спасов .
Tweet |