Петар Печков
Објавено: среда, 30 септември 2020
Од почетокот на месец октомври, крводарителите од Велес и соседните општини, крв ќе може да даруваат само во понеделник и четврток од 8 до 15 ч. во Одделението за трансфузиона медицина во Велес, кое е во рамките на Општа Болница Велес. Оваа одлука на Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, наиде на жестоки реакции на крводарителите од Велес.
Тие реагираат дека нема да можат во било кој ден од седмицата да даруваат, дека тие што одат само прва смена, нема никако да можат да даруваат крв и дека со тоа ќе опадне бројот на собрани крвни единици, што ќе се одрази на пациентите. Од Институтот за трансфузиона медицина соопштуваат дека од 2018 година започнале имплементација на европските директиви за квалитет.
Со таа одлука уште тогаш требало во Велес да се дарува крв секој понеделник и четврток, одлука која не се применувала се до деновиве. Никогаш нема да се случи барем не од Институтот за трансфузиона медицина да се направи чекор кој би ги оддалечил крводарители, уверуваат од оваа институција. Бараат и сакаат да бидат разбрани, дека прават добро дело со обезбедување на квалитетен крвен продукт, исто како што е дарувањето крв.
Во завршна фаза сме од имплементација на европските директиви за квалитет и мораме да го унифицираме процесот на работење. Уште похумано е ако на пациентите им обезбедиме квалитетен крвен продукт кој се обезбедува со ова промена. Крвта која се дарува во службите треба да се транспортира во посебни услови т.н. ладен ланец до Институтот во Скопје каде се преработува во крвни продукти. Ладниот ланец на транспорт на крвта е воведен 2019 година и големо оптоварување за институцијата, да се овозможи секојдневно дарување на крвта во сите служби по другите градови. Воведување на ладниот ланец во транспортот на даруваната крв, воведување на новиот начин на преработка на крвта во крвни продукти, со потполно автоматизирани клеточни сепаратори и чувањето на готовите продукти како и враќањето, транспортот на готовите крвни продукти назад во службите како што е Велес е еден голем процес. За него е потребно ангажирање на возила, возач и здравствен персонал, кој е вклучен во приемот и преработката на крвта. Би сакал крводарителите да разберат дека сакаме да биде најдобро за пациентите кои ја примат таа крв а тоа е примена на европските стандарди за квалитет, кои се гаранција за квалитетен крвен продукт - соопшти д-р Садула Усеини, директор на Институтот за трансфузиона медицина од Скопје.
Тој додава дека алтруизмот и хуманоста на граѓаните посебно од градот Велес треба да продолжи и понатаму и ги замолува да даруваат крв во службата во понеделник и четврток или во крводарителските акции. Две години по ред крводарители од Велес, но и соседните општини Градско и Чашка се најхумани во Македонија, со 4.519 собрани крвни единици во 2018-та и 4.479 собрани лани. Годинава и покрај ковид-19 состојбата, планот за крводарување беше натфрлен во средината на месец август, и заклучно со август се собрани досега 2.231 кривни единици, а планот е 1.861.
Tweet |