Петар Печков
Објавено: петок, 02 мај 2014
Реконструкцијата на мостот Гемиџии, која започна од средата го забави сообраќајот низ Велес. Со постојниот сообраќаен режим за да се мине од едната на другата страна на градот, преку реката Вардар мора да се користи Стариот мост. Тој сега е единствениот мост кој овозможува превозните средства да прејдат од стариот во новиот дел на градот. Проблемите кои се јавија со новиот сообраќаен режим се поради тоа што Стариот мост има помала пропусна моќ на превозни средства, за разлика од мостот Гемиџии кој е во реконструкција.
На Стариот мост рампата се спушта рачно и секогаш пет минути пред да дојде возот, за разлика од Новиот каде е електронски и се спушта на 45 секунди пред доаѓањето на композицијата. Овие пет минути колку што се чека да дојде возот се причина за огромните колони возила кои се создаваат во градот. Додека тргнат возилата се губи по 10-тина и повеќе минути. Тоа е драгоцено време. Не знам како ќе биде ако Итната помош или пожарната мораат да интервенираат – велат возачите.
Тие барат да се преземе нешто времето на чекање да се намали а во интерес на избегнување на гужвите. Колоните возила од Стар мост стигнуваат до центарот на градот, до фонтаната на Сармаале.
Секојдневно на релацијата Велес –Гевгелија и обратно минуваат 20-тина железнички композиции, што патнички што товарни, плус инцидентно само локомотиви или превозни средства на МЖ со кои се одржува пругата. Тоа математички вели дека дневно повеќе од 210 минути или триипол часа од 24 во денот, во Велес има метеж по улиците. Нервозни шофери кои свират, други се обидуваат преку ред да влезат во колоната.
Заради ова велешката сообраќајна полиција 24 часа на ден го регулира сообраќајот низ градот. Така ќе биде се до крајот на август кога треба да заврши реконструкцијата на мостот Гемиџии вредна 750 илјади евра. Од полицијата барат трпение на возачите.
Ги упатуваме возачите да го користат мостот кај Башино село за влез во Велес и колку што можат да го избегнуваат преминот кај Стар мост. Бараме трпение од нив и работиме со железница да се најде решение при спуштањето на оваа безбедносна рампа – велат од СВР Велес.
Колку проблемот е сериозен и тежок за решавање зборува и тоа што ова делница, која сега стана главната градска артерија ја користат меѓуградските автобуси за влез во Велес. А нив дневно ги има повеќе од стотина кои минуваат низ тесните улички. Потоа таа минува низ Градскиот пазар, каде има постојано илјадници луѓе, тротоарите се окупирани од дивите препродавачи, па пешаците морат да го користат коловозот. Од локалната власт најавуваат расчистување на дивите тезги заради нормално одвивање на сообраќајот.
Конфигурацијата на сообраќајниците во Велес е таква каква што е, поради местоположбата на градот. Работиме се за да обезбедиме безбедно одвивање на сообраќајот. Очекуваме дека учесниците во сообраќајот ќе имаат разбирање, бидејќи мостот Гемиџии беше во лоша состојба и тој мора да се реконструира – велат од општина Велес. Реконструкцијата е предвидена да трае во наредните четири месеци до крајот на август.
Tweet |