Петар Печков
Објавено: недела, 18 април 2010
Со хуманитарна акција, со продажба на домашни специјалитети, Здружението на родители за грижа за здраво поколение од Велес го одбележа нивниот 12-ти роденден и Денот на здравјето. На повеќе штандови во Младинскиот парк, неколку невладини организации но и фирми од Велес ги понудија нивните производи, кои се продаваа а сите собрани средства се наменски за Здружението. Први кои можеа да се пофалат дека ги продадоа производите беа жените пензионерки од градот, чии блага беа најбарани. Нивниот штанд за бргу време се испразни.
Се знае дека благата на баба секогаш се најубави и најбарани, бидејќи со љубов ги подготвуваме кон нашите најсакани. Така и овој пат се вклучивме во оваа манифестација, со нашата скромна помош а собраните пари нека му помогнат на детето за кои се наменети – велат велешките пензионерки, додаваат дека одамна ,,благцата на баба ,, се бренд кои во Велес се почитува. Свои производи понудија и Жито Вардар, Благој Ѓорев, Снупи, жените од СДСМ. Оваа манифестација, хуманитарната продажба на домашни специјалитети, се одржува по пети пат.
Оваа година собраните средства се наменети за деветгодишно девојче од Велес кое боледува и се потребни за операција на коскено ткиво. Освен што на овој начин го одбележуваме роденденот, преку рекреативна трка насловена ,, Да се трча е здраво,, ги поттикнуваме децата да излезат од дома, да се дружат - изјави Иванка Андова потпретседател на Здружението на родители за грижа за здраво поколение. На трката, која се одржуваше низ улиците во центарот на градот учествуваа неколку стотици ученици од основните и средни училишта во градот.
Tweet |