речник контакт

Рождество Христово Божик 7 - I

Празник на радоста и надежта. Именден празнуваат: Богоја, Христо, Божин, Ристо, Христина, Ристана, Ристовка...

Петар Печков

Божик спаѓа меѓу најголемите христијански празници, зашто на тој ден се празнува раѓањето на  Исус Христос. Колку овој ден е важен за човештвото се гледа и по тоа што тој е земен за клучен датум, односно камен темелник, за пресметување на времето па така имаме стара и нова ера што значи време пред и по раѓањето на Исус Христос.

Овој празник е наречен и матица на повеќе празници бидејќи да не бил овој празник, што значи да не се родел Исус Христос немало да има ниту негово крштевање, (значи немало да го има празникот Водици), немало да има ниту Распетие и Вокресение (Велигден) ниту Вознесение (Спасовден), немало да постојат ниту празниците Духовден, Преображение, Крстовден и тн.

Евангелските текстови сведочат дека римскиот император Август издал заповед да се изврши попис на населението во империјата. Секој требало да биде запишан во градот на своите дедовци. Палестина тогаш била во рамките на Римската империја поради што и праведните Јосиф и Света Дева Марија тргнале од Назерет за да се запишат во Витлеем бидејќи биле од родот Давидов.

Кога пристигнале во Витлеем за нив немало место во гостилниците и куќите поради тоа што во градот имало многу народ дојден заради пописот. Некои добри луѓе сакајќи да им помогнат ги упатуиле во една пештера во близината на градот каде што пастирите во невреме ги засолнувале овците и козите. Ноќта силна светлина ја исполнила пештерата, но и околните ридови, потоа Света Дева Марија го родила својот Син превенец, го повила и го ставила во јаслите.

Силната светлина ги исплашила и пастирите што со своите стада ноќевале на отворено на околните ридови, но веднаш потоа ангелот Господов ги утешил и предупредил јавувајќи им ја радосната вест: “Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ; и еве ви знак: ќе најдете повиен Младенец како лежи во јасли”. Веднаш потоа хорот на ангелите ја запеал песната: “Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја”! (Лука 2/14)

Пастирите веднаш отрчале во пештерата каде што ги нашле Марија и Јосифа со Богомладенецот, му се поклониле, а потоа низ градот разгласиле за раѓањето на Спасителот. Веднаш потоа кај првородениот син на Света Дева Марија пристигнале и тројцата мудреци од исток на кои што за раѓањето на Спасителот им соопштила необичната ѕвезда на небото која што и ги довела до пештерата движејќи се пред нив кога тие оделе и која што стоела кога тие одморале.

“И штом влегоа во куќата, го видоа Младенецот со мајка Му Марија и паднаа, па му се поклонија; а кога ги отворија своите ковчежиња, Му принесоа дарови: злато, ливан и измирна. (Матеј 2/11) Овие дарови требало да претскажат дека новороденото дете е во истовреме човек (измирната), Бог (ливанот-темјанот) и Цар (златото). Значи пред Богомладенецот најпрвин се поклониле простите пастири и учените мудреци како овоземни жители, но и ангелите од небото што значи дека тој бил предодреден подеднакво да му припаѓа и на небото и на земјата.

Во првите три века не се празнувало раѓањето Христово. Причина за тоа бил христијанскиот поглед на човековиот живот кој не му придавал многу значење на телесното раѓање на човекот туку на неговото духовно раѓање  (крштевањето). Поради тоа раѓањето и крштевањето на Исус Христос се празнувало заедно на 19 јануари Богојавление / Водици, а тоа било ден кога се празнувале повеќе спомени.

Подоцна кога човековиот живот почнал повеќе да се цени, се јавила потреба за празнување и на денот на телесното раѓање, а не само на духовното  (крштевањето) и на телесната смрт, раѓање за вечен духовен живот. Но и од практични причини се јавила потребата денот на раѓањето на Исус да се празнува одделно од денот на неговото крштевање бидејќи верниците не можеле во исто време да бидат и кај Витлеемската Пештера каде што се празнувало раѓањето и на реката Јордан каде што се празнувало крштевањето.

По одделувањето од Епифанијата споменот на Христовото раѓање е пренесен на  7 јануари според новиот календар.Најстар споменик што зборува за Божик е беседата на Јован Златоуст одржана во Антиохија во втората половина на ИВ век. Тој појаснува дека за одредување на овој датум се земени два настана: јавувањето на ангелот на Захарија и Благовештението на Богородица.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »