Петар Печков
Објавено: вторник, 29 август 2023
Во пресрет на отпочнувањето на новата учебна година денеска -29. август, отсекот за превенција при СВР Велес, започна со реализација на превентивно- едукативниот проект „Безбедно од домот до училиштето“.
Оваа година за прв пат проектот ќе се спроведува во партнерство со надлежни служби при локалните власти на Велес, Кавадарци и на Неготино.
„Активностите ќе се спроведуваат континуирано во септември и во октомври, во непосредна близина на основните и средните училишта, во периодот кога учениците доаѓаат и заминуваат од училиштето. За таа цел денеска беше направена обиколка на училиштата во општините, фокусирана кон преглед на поставеноста на сообраќајните знаци од вертикалната и хоризонталната сигнализација, со кои се олеснува ориентацијата и движењето на учениците како пешаци во сообраќајот во близина на училиштата. Покрај тоа, беа евидентирани најпогодните траси за движење на децата од поодалечените места до училиштата, а на претставниците на локалните власти им беше укажано да се обезбеди проодност до сите пешачки зони на улиците кон училиштата, како и поставување на бариери за спречување директно излегување на децата од училишните дворови на коловозот“ - соопштија од МВР.
СВР Велес упатува апел до сите учесници во сообраќајот а посебно возачите, да бидат одговорни учесници во сообраќајот, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и со тоа да допринесат за заштита на децата во сообраќајот.
Tweet |