Петар Печков
Објавено: понеделник, 29 август 2016
Радмила Шеќеринска заменик претседател на СДСМ, најави повеќе мерки кои граѓаните ќе ги добијат, по декемвриските избори, доколку опозицијата победи на нив. Таа беше во посета на Велес и по разговорот со велешани, изјави дека најголем проблем е невработеноста а според неа половина милион граѓани во земјава, живеат под границата на сиромаштија.
Главна порака на СДСМ е повеќе работни места, за младите но и за останатите. Една од мерките е враќање на 15 отсто од вкупно платениот ДДВ. Секој кој плаќа сметки, 15 отсто од вкупно платениот ДДВ ќе ги добие назад, во семејниот буџет. Првата мерка која ќе ја воведеме е зголемување на минималната плата веднаш на 12 илјади денари, за сите сектори во економијата. Со 20 до 50 милиони евра од Буџетот ќе ги насочиме кон малите и средни домашни фирми, ќе влијаеме на обезбедување подобри работни места, кои нудат шанси за достоинствен живот. Младите неповратно си одат, а тие што остануваат мака мачат да ги платата сметките, да ја прехранат фамилијата Ова ќе го правиме по декември по промената на власта – изјави Шеќеринска.
Таа потсети дека еднаш веќе најавиле враќање на дел од ДДВ-то кон граѓаните, на што сегашната власт одговорила со наградна игра за собирање на фискални сметки.
Граѓаните не видоа фајде од оваа наградна игра, освен неколкумина. Што ќар имаа тие, освен што тогашниот министер Ставревски се сликаше со добитниците. Нашите мерки не се пропаганда, туку сигурни пари за граѓаните кои ги плаќаат даноците – рече Шеќеринска.
Таа се осврна и на т.н. фантомски гласови, кои се појавија на избирачкиот список на ДИК.
Прашање е кој ги злоупотребувал гласовите на 30 илјади лица кои останаа на овој спорен список. Кој ги злоупотребувал гласовите на луѓето од дијаспората, оти очигледно е дека некој гласал во нивно име. До 31 август може да се исполнат сите услови од договорот до 20 јули годинава, кој содржи мал број услови. Ако има политичка волја, решение и одлука за избори ќе има. Граѓаните чекаат долго време чекаат за крај на кризата, за фер и демократски избори, освен ако ВМРО-ДМНЕ и ДУИ не избегаат од избори, со затворено прашање за медиумите – потенцира Шеќеринска.
Tweet |