Петар Печков
Објавено: вторник, 10 октомври 2023
Лидерката на Општинската организација на СДСМ Велес, Даница Чадиева на прес конференција попладнево, реагираше за изградбата на хотелски комплекс на езеро Младост. Според неа и истражувањата кои ги спровела партијата за документацијата, истите покажале неколку пропусти.
1. Општина Велес на криминален начин,со грубо кршење на членот 68 од Законот за градежно земјиште ја отуѓила градежната парцела со непосредна спогодба за оформување на градежна парцела .Имено, лицето поседувало само 306 м2 од парцелата 1.3. на Езеро Младост што е помалку од 5 % од вкупната површина на градежната парцела иако според одредбите од Законот за градежно земјиште сопственикот мора да поседува најмалку 30 % од површината на парцелата
2. Со важечкиот Детален урбанистички план за Езеро Младост, зоната за викендување и живеење е лоцирана во т.н. Сателитска населба. Со истиот план зоната за развој на езерски, транзитен, риболовен и ловен туризам е утврдена од левата страна на езерото кога се оди од Велес кон браната. На овој простор се предвидени локации за изградба на хотели и други туристичко угостителски објекти, паркинзи, како и објекти за рекреација и за забава. Значи, на парцелата означена во ДУП со реден број 1.3, предвиден е хотелски комплекс, а дадено е одобрение да се градат апартмани за продажба, што е спротивно на одредбите до ДУП.
3. На парцелата означена во ДУП со реден број 1.3 објектот според ДУП треба да биде со приземје и три ката, со вкупна висина од 13, 6 м и тоа до кота на венец. Површината на градежната парцела е 5.845 м2, максималната површина за градба е 1.461 м2, а максималната бруто развиена површина е 6.163 м2, со коефициент на искористеност од 22,1 % и со 32 потребни паркинг места. Според објавите на инвеститорот на фб страната со име Велмонд, објавена е компјутерска фотографија од која се гледа дека објектот наместо со приземје и три ката, е предвиден да биде со приземје и со шест ката и со намена за апартмани во објект од затворен тип, кои веќе се продаваат, а не за хотел од отворен тип достапен на сите заинтересирани туристи и гости. Тоа значи дека објектот ќе биде со скоро двојно поголема бруто развиена површина што не е дозволено со ДУП. Инфраструктурата на езерото, водовод, канализација, електрична енергија, пристапен пат, не се димензионирани за да издржат толку голем број на станбени единици и нови жители.
4. Наместо еден приклучок за напојување со електрична енергија и еден приклучок за снабдување со вода за пиење, на барање на инвеститорот одобрени се околу 60 приклучоци. Тоа уште еднаш го потврдува фактот дека се работи за груба злоупотреба и изигрување на законите, затоа што нема да се гради хотел како една целина, туку модерно кажано апартмани или станови, во зона што не е предвидена ниту за индивидуално ниту за колективно домување “ - кажа Чадиева.
Таа посочи дека согласно одобрението за градба издадено од Општина Велес на 29.05.2023 година, потпишано од градоначалникот Марко Колев, на инвеститорот му било издадено одобрение за градење на хотелски комплекс - апартмани. Со тоа градоначалникот Марко Колев и одговорните во одделението за урбанизам направиле повеќе груби прекршувања на одредбите од ДУП кој е со сила на закон, како и на Законот за просторно и урбанистичко планирање и на Правилникот за урбанистичко планирање.
Најави дека за да не му се нанесуваат дополнителни штети на јавниот интерес на граѓаните на Општина Велес, ќе бараат градбата веднаш да биде стопирана од градоначалникот и градежните инспектори.
фото прес СДСМ
Tweet |