Петар Печков
Објавено: четврток, 07 јули 2016
Поднесената кривична пријава против директорот на велешката Гимназија, велешкиот огранок на СДСМ ја проширил и кон актуелниот градоначалник на Велес. Ова беше кажано и на денешната прес конференција, која се одржа пред зградата на Основен суд Велес.
Кривичните пријави во случајот ,,велешка Гиманзија,, се оти е изведена екскурзија на учениците од трета година, само по два дена од изборот на фирмата, иако рокот за жалба на страните кои учествуваат на него е осум дена.
Градоначалник С.Ч. не презема ништо за да ја санкционира незаконитоста на директорот на Гимназијата, СДСМ поднесената кривична пријава кон директорот С.А. ја прошири и кон актуелниот градоначалник С.Ч. Законите мора да важат за сите подеднакво – изјави Панче Иванов претседател на ОО на СДСМ Велес.
Тие против градоначалникот поднеле две кривични пријави за ,,несовесно работење во службата,, и за ,,непријавување на кривично дело или сторител,,. Со пријавата Славчо Чадиев се сомничи дека имал сознанија за незаконитоста во постапката на организирање на ученичката екскурзија, по реакцијата и претставката поднесена од страна на родителите на учениците од трета година.
Во кривичната пријава пишува: Иако тој имал можност да го спречи незаконитото постапување на директорот Саше Андреевски, Чадиев тоа не го сторил, ниту пак незаконитостите ги пријавил кај надлежен орган. Не биле преземени мерки ниту за санкционирање на директорот. Со претходно поднесената кривична пријава против директорот Андреевски, велешкиот СДСМ, го осомничи дека тој при одлучувањето во постапката за избор на изведувач на екскурзија за учениците од трета година, ги прекршил одредбите на Законот за јавни набавки и Правилникот за начинот за изведување на ученички екскурзии.
За истата Основното Јавно обвинителство од Велес отворило истрага, при што биле сослушани повеќе лица а локалната власт сите побарани документи ги испратила до оваа институција.
На прес конференција изречените сомнежи ги отфрли градоначалникот на Општина Велес.
Според Законот за средното образование, директор на јавно училиште може да биде разрешен во случај на направена повреда при извршување на закони, прописи и општи акти утврдена од страна на Државниот просветен инспекторат. Оваа повреда во постапка ја утврдува Училишниот одбор на своја седница во присуство на член на Државниот просветен инспекторат, при што доколку е настаната повреда на законските одредби носи предлог за разрешување на директорот до градоначалникот. Потоа Училишниот одбор, на седница на која не присуствувал член на Државниот просветен инспекторат, има донесено заклучок во кој од мене како градоначалник не се бара разрешување на директорот и со мнозинство гласови констатирал дека директорот при изборот на изведувач на екскурзијата не го прекршил Законот. Иако не е законска обврска на градоначалникот, чувствував особена обврска и на мое барање беше испратен допис до Државниот просветен инспекторат да се вклучи во целата постапка и да даде мислење за случајот. До денес до Општина Велес не е стигнато известување од негова страна – изјави Чадиев .
Тој потсети дека ,,Панче Иванов, јавноста многу добро го памети од времето кога лично тој од Антикорупциската комисија беше посочен како личност кај која постои судир на интереси, извршувајќи ја истовремено функцијата директор на средно училиште и член на Советот на Општина Велес,, и праша дали Иванов има кредибилитет да зборува за незаконско работење .
Чадиев заврши со зборовите дека ,,не се сите деструктивни криминалци кои се спасуваат од одговорност благодарение на аболицијата,, алудирајќи на лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Tweet |