Петар Печков
Објавено: среда, 10 јули 2019
Третото авионско третирање против комарци ќе се изврши на 13 јули- сабота во периодот од 5 до 6,30 часот, информираа од Општина Велес. Најавуваат дека доколку временските услови не дозволуваат авионско прскање истото ќе се изврши наредниот ден, 14 јули (недела).
Границата, на третирањето е: Езеро Младост, с. Отовица, месност Јарбош, по течението на Вардар од север од Башино село низ Велес, се до вливот на реката Бабуна и село Горно Караслари. На запад границата започнува од населбата Превалец, преку населбата Керамидна кон фабриката „Киро Ќучук“ и Горно Оризари.
Со третирањето ќе биде опфатено целото градско и приградско подрачје, како и целото течение на реката Вардар на овој потег. И оваа година ќе се третира рекреативниот центар Езеро Младост со непосредната околина.
Се известуваат пчеларите во времето на третирање и 3-4 часа потоа да ги затворат кошниците со пчели, заради можноста од влијание на средството со кое се врши третирањето врз безбедноста на пчелните семејства.
Авионското прскање против комарци го врши компанијата „БОНИЕР“ од Куманово. Согласно договорот помеѓу општина Велес и компанијата, прскањето се врши со средството АУРОДИЛ СУПЕР Б, биоциден производ за уништување на летечки инсекти произведен од ЛОДИ ГРУП, Франција. Производот е одобрен од Бирото за лекови за употреба во јавен простор и не е штетен за луѓето. Полнењето на авионот и прскањето на подрачјето на општината е под надзор на стручно лице од Центарот за јавно здравје Велес - додаваат од локалната власт, со цел информирање на јавноста за каков препарат се користи при авио-прскањето против комарци.
Tweet |