речник контакт

Сабота со проекцијата на филмот „Стела“ кино салата во „Бели мугри“ се предава во функција

Филмот ќе се прикаже со две претстави во 18 и 20,30ч а по завршувањето мини концерт со музика од филмот ќе има групата Љубојна

Петар Печков

Со проекцијата на новиот македонски игран филм „Стела сабота вечер се отвора кино во Велес.  Киното е инвестиција на Општина Велес од 67 илјади евра и се наоѓа во просториите на поранешната сала „Бели мугри“ која работеше во рамките на Градската библиотека „Гоце Делчев„.  

Набавен е пакет за дигитално кино - проектор, перфориран екран за кино прикажување со вкупна површина од 27,54 м2, сараунд систем за озвучување, уредена е просторијата од каде се проектираат филмовите и за градежните работи во салата, потрошени се 4,68 милиони денари. Сцената во салата е прилагодена за кино и мултимедијални настани. Се одлучивме за прва проекција да биде прикажан играниот филм „Стела„ оти е прв детски филм од македонско производство - соопшти градоначалникот Аце Коцевски, на денешната прес конференција.

Салата која примa 240 гледачи согласно протоколите за работа на кината, ќе може да прими 80 гледачи. Филмот ќе се прикаже в сабота, во два  термини  од 18 и 20,30 ч. во чест на претстојниот празник 11-ти октомври. По втората проекција получасовен настап ќе има групата Љубојна со музика од филмот.  

Групата Љубојна ќе има концерт затоа што таа ја изведува музиката од филмот. Нејзиниот настап не е спорен согласно препораките на Владата, бидејќи киното не е угостителски објект, каде се забранети настапи на музички изведувачи. Ова е културен настан - додаде Коцевски.

На новинарското прашање, кога и со кои филмови ќе продолжи киното со други проекции на филмови, градоначалникот немаше конкретен одговор.


Ќе разгледаме како правно во салата да овозможиме  прикажување на нови филмови од странско и домашно производство. Работиме и да обучиме лице кое ќе работи со техниката. Дотогаш ќе гледаме да обезбедиме бесплатно да прикажуваме македонски филмови. Нашите желби се во континуитет да се прикажуваат филмови во кино салата  - кажа Коцевски.   

На прес конференцијата присуствуваа  Данчо Стефков, монтажерот на филмот „Стела“ и Ристе Гиовски дресер на кучето шарпланинец, кое е главниот јунак во филмот.  

Ова ми е четврти филм, но врв на мојата кариера како монтажер. Ме радува што Велес доби кино и на моите сограѓани им порачувам одете и гледајте филмови во кино - рече Стефков.  

Кога го видов сценариото сфатив дека има сцени кои се несвојствени за едно куче, особено за нашиот шарпланинец кое не сака многу да трпи влијанија - рече Ристе Гиовски, тренер на Стела.

Последната кино претстава во киното 11-ти Октомври, според текстовите објавени на ТрМр,  беше во март 2005-тата. Од  април 2013-та откако доби  дигитален кино проектор, кино проекции пред се на нови македонски филмови се прикажуваа и во велешки театар. Се прикажува а ревии на новиот германски и француски филм. Откако есента 2018-та дигиталниот проектор се расипа, во Велес се нема прикажано филм, освен неколкуте проекции летово преку   „во кино со автомобил“ на група млади ентузијасти.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »