Петар Печков
Објавено: сабота, 31 октомври 2015
Велес како занаетчиски град, имал бројни занаетчии. Преку сеќавањата на Никола Тутунџиев се враќаме во 50-тите години на минатиот век. Тогаш имало бројни сарачи, мајстори кои изработувале предмети од кожа и кои биле во служба на рабаџиите и пајтонџиите. Изработувле предмети кои им се потребни на коњите, но и делови од војничката опрема. Никола работел во услужна задруга Работник.
Требаше да одам Гимназија ама не ми се учеше и решив да одам да учам занает. И тоа сарач. Во тоа време имаш многу потреба, бидејќи имаше многу пајтонџии, рабаџии кои возеа со коњи. Но и луѓе од селата на кои имаа потреба од сарачки производи, амути, узди, палдрм. Одев по три саати на сабајле да учам занает а поручек во вечерно школо, во Св. Кирил и Методиј. Така беше три години потоа се вработив. Работевме по осум саати под понеделник до сабота, само недела одмор. Имаше многу работа, ама занаетот не беше тежок - се присетува дедо Никола, кој има осумдесет години и одлично сеќавање.
Задругата ,,Работник,, била на улица Архиепископ Михаил, тогашен Владимир Назор, после јаворот кај Градскиот саат, од десната страна. Во една работилница се кроела кожата а во друга се шиеле предметите. Кожата се носела од Скопје од кожарскиот комбинат Гоце Делчев. Посебно се кителе капците за очи со мунивца, со кои коњот му се дозволувало да гледа само право, не лево и десно, да не види нешто друго и да скршне од патот, по некоја кобила.
Работевме и за војската, каиши, фишеклии, опртачи. Доаѓаа секоја недела високи чинови полковници од Белград и вршеа порачки. Наше беше да се изработи. Кога се вратив од војска 57-та дојде такво време, што немаше потреба од сарачи и задругата се затвори. Јас се вработив во Порцеланка - додава Никола. Нивната работа ја продолжиле приватници кои работеле во сарачката улица од чаршијата,која била веднаш покрај Вардар, лево од Стар мост.
Во тие години имало 20-тина рабаџии и 10-тина пајтонџии. Тие биле паркирани на денешно Сармаале, каде ги чекале муштериите .Пајтонџиите патниците, додека рабаџиите носеле роба до дома, огрев, дрва, ќумур. Работел и чанти, женски за секоја пригода. Жали што не изработувале торба која се поставувал под опашката за каде коњот да го исфрла сметот. Но затоа имало многу метлари, кои често ја метеле главната улица.
Tweet |