речник контакт

Св. 15 Тивериополски маченици 11 декември

Меѓу македонските светители - маченици што Македонската православна црква ги празнува со спаѓаат и Петнаесетте свештеномаченици од Тивериопол (Струмица).

Петар Печков

 За нив се вели дека преку нив стана сенародно просветлување на Тиверијците, а Христос им стана познат и на жителите на околината, дека градот Тивериопол и неговата околина од заблудата во идолите кон светилина ги одвеле и дека како сјајни ѕвезди и денес силно зрачат.

За време на владењето на императорот Јулијан Отстапник (361-363) е извршен страшен прогон на христијаните. Тогаш во целата Римска империја  биле издадени посебни наредби и биле испратени луѓе да ги спроведуваат. Со тие заповеди секој што ќе се откажел од Христа добивал големи почести од царот, ако пак не сакал да се откаже од неговата вера и не сакал да им принесе жртви на паганските идоли, требало да биде подложен на жестоки казни и мачења.

Тогаш, пред ваквата опасност од Никеја побегнале во Солун, а оттаму во Тивериопол епископите Теодор и Тимотеј и монасите Комасиј и Евсебиј. Епископот Теодор бил и учесник на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година. Во нивното житие се вели дека  оставајќи го Солун се преселиле во Тивериопол што се наоѓал северно од Солун и тука нашле можност да го сеат словото на Господ Исус Христос во душите на побожните луѓе.

По пристигнувањето во Тивериопол ним им се придружиле месните свештеници Петар, Јован, Сергиј Никифор и Теодор (втори), ѓаконите Василиј и Тома, монасите Јеротеј, Харитон и Даниил како и еден мирјанин по име Сократ. За нивното прифаќање на христијанството разбрал и управителот на областа кој се наоѓал во Солун и кој веднаш презел мерки да бидат казнети. Ги фатил и погубил на 11 декември 326 година.

Откако егзекуторите си заминале добродушните христијани  ги завиткале нивните тела во бели и чисти чаршави и според христијанските обичаи со ламбади и темјан ги погребале достоинствено, во Тивериопол секој во посебен ковчег од камен, врз кој ги напишале имињата на мачениците со нивните чинови што ги имале според Христа. Бог ги дарил со чудотворна моќ, така што од нивните мошти многумина болни оздравеле.

Кога градот бил нападнат и разурнат од Аварите,  гробовите на Петнаесетте свештеномаченици Тивериополски биле затрупани за подолго време. Но подоцна  чудата што се случувале на тоа место го привлекле вниманието на населението па нивните свети мошти биле откопани и погребани во новоизградената црква подигната во нивна чест во  градот Брегалница (не се знае каде се наоѓа).

Во таа црква службата ја вршеле свештеници поставени од св. Климент Охридски. Житието раскажува дека во тој храм во градот Брегалница поради спротивставувањето на струмичани, биле пренесени само моштите на тројцата маченици: Тимотеј, Комасиј и Евсебиј, а другите останале во Струмица. Подоцна и моштите на останатите биле пренесени во храмот.

Подоцна овој град доживеал катаклизма и бил сравнет со земјата, а настрадале и светите мошти на овие маченици. Останала само една рака за која се претпоставува дека е на Петар, која што направила многу чуда и излечила многу болни. Потоа по Балканските војни во 1913 година некој ја однесол во Кукуш. Во Струмица останал само споменот за светите Петнаесет свештеномаченици чиј спомен месното население го празнува свечено на местото каде се претпоставува дека  биле погубени и каде што се случиле многу чуда.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »