Петар Печков
Објавено: недела, 24 октомври 2010
Роден е во Витсаида крај езерото Галилејско, како Петар и Андреј. Покрај Галилејското море, во близина на Хоризин и Капернаум, се наоѓаше градот Витсаида . Во тој град се родија тројцата апостоли: Петар, Андреј и Филип. Петар и Андреј беа рибари и со тој занает се занимаваа додека Господ Христос да ги повика со себе. Филип пак, уште во младоста родителите го дадоа да ја изучува книжевната мудрост.
Од малечок научен на Светото Писмо, Филип веднаш се одѕва на повикот на Господ Исус . После слегувањето на Светиот Дух Филип ревносно го проповедаше Евангелието во многу краишта на Азија и Грција. Во Грција Евреите сакаа да го убијат, но со Своите моќни чуда Господ го спаси. Така еврејскиот архиереј којшто се устреми да го бие одеднаш ослепе и сиот поцрне. И имаше силен земјотрес и земјата се отвори и ги проголта злобните гонители на Филип. И многу други чуда се извршија, особено исцеленија на болни, заради што мнозина незнабожци поверуваа во Христа.
Во Фригискиот град Јерапол Св. Филип се најде на заедничка работа со Св. Јован Богослов, со својата сестра Маријамна и апостолот Вартоломеј. Таму имаше некоја опасна змија, којашто незнабожците грижливо ја хранеа и ѝ се поклонуваа како на Бог. Божјите апостоли со молитва ја умртвија оваа змија. Со тоа врз себе го навлекоа гневот на помрачените луѓе. Озлобените незнабожци го фатија Филип и го распнаа на дрво главечки, потоа го распнаа и Вартоломеј. Тогаш земјата се отвори и го проголта судијата и мнозина други со него. Во голем страв луѓето притрчаа да ги симнат апостолите. Но успеаја да го симнат жив само Вартоломеј, Филип веќе беше издивнал.
На крстените Вартоломеј им го постави за епископ Стахиј, когошто претходно тој и Филип го исцелија од слепило и го крстија. Стахиј беше слеп четириесет години. Подоцна моштите на Св. Филип се пренесени во Рим.
Овој прекрасен апостол пострада во 86 година, во времето на царот Дометијан.
Tweet |