Петар Печков
Објавено: петок, 13 август 2010
Сите овие пострадаа околу 180 година за чистотата на израелската вера во едниот Бог, на која беше удрил царот Антиох Епифан. Тој беше наредил по закана со смрт на сите граѓани на Ерусалим да јадат свинско месо, како очигледен знак дека се откажале од верата на своите татковци. Свети Елеа¬зар се противстави на оваа насилничка заповед на царот, па поради тоа беше погубен.
Исто така и седумте браќа, наречени Макавеи, заедно со мајка им, беа поведени во Антиохија. А таму Антиох ги мачеше и убиваше еден по еден пред очите на мајка им Соломонија. Кога последниот беше фрлен во оган и самата Соломонија го направи истото.
Mакавејските денови во народната традиција
Во животот на нашиот народ макавејските денови имаат важно место. Според нив се прогнозирало времето и се планирале поважните работи.
На 14август што се совпаѓа со започнувањето на Богородичните пости се празнува празникот на седумте браќа, маченици од Макавејскиот род за кои пишува во Стариот Завет на Светото Писмо (Библијата). Во Библијата не се забележани нивните имиња но нив ги запеметило црковното предание и тие се: Авим, Антонин, Гуриј, Елеазар, Евсевон, Алим и Маркел.
Тие со мајка им Соломонија и татко им свештеникот Елеазар како и со други приврзаници на Мојсиевите закони страдале со маченичка смрт по наредба на сирискиот цар Антиох од едни наречен просветител, а од други безумен. Затоа што храбро ја бранеле својата вера, царот пред очите на мајка им еден по еден ги мачел, им ја дерел кожата, а потоа ги фрлал во оган. Кога тоа го направил и со последниот, тригодишниот син, мајката скокнала во оганот предаваќи му ја така душата на својот единствен Бог. Тоа се случило околу 180 години пред Христа.
Светата христијанска црква го определила денот 1 август (односно 14 август според новиот календар) за заеднички празник на седумте браќа Макавеи, на нивната мајка Саломонија и на свештеникот Елеазар, за сеќавање на нивните имиња и на нивната маченичка смрт.
Во народот празникот Макавеи се држи како тежок празник, но во некои места се смета дека овие празнични денови се шест, во други дванаесет. Во цела Македонија според тоа какво ќе биде времето во текот на овие денови се прогнозира времето за следните шест месеци (зимскиот период) или за целата година.
Во Велешко како што забележал Д. Матов не се работело, се држел празник за да не им се трошат (да не им се јадат) прстите на жените при предење, се гледало какво ќе биде времето и какви ќе биле месеците од октомври до март. Според Макавеите се прогнозирало времето во текот на годината со тоа што на еден ден одговарал еден месец. Ако времето било убаво цел ден значело дека целиот месец ќе бидел убав, ако пак било променливо значело дека и во текот на месецот ќе бидело и убаво и лошо.
Вакви верувања за 12 денови Макавеи запишал и К. Шапкарев, само што тој сведочи дека времето што одговара на секој ден започнува од месец август. Во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека овие денови 12 на број се викале Моринки.
„Првите дванаесет дни од Августа се викает Моринки. Тие дни жените не работает, ни перат, ни деца к'пат. На тие дни гатает за доброто или лошото време за цела година; ако на пр. првиот ден од Августа чинит горештина, коложек (јанвар) ќе бидит студен, и напротив; ако на вториот правит добро време, на сечка (феврал) ке чинит лошо; и така за другите.“ Постоело верување дека од тој ден времето се завртувало на зима и дека тој ден штрковите и ластовичките започнувале да се готват за селење во потоплите краишта.
Вакви верувања поврзани во Макавеите запишал и М. Цепенков.
Tweet |