речник контакт

Свадбата доцнела оти матичарот отишол да го гледа РК Борец во Прва ЈУ лига

Спомен на велешанецот Ангел Шалев, за времето кога во Велес владеела еуфорија по ракометот и градскиот клуб РК Борец

Петар Печков

Свадбата на велешанецот Ангел Шалев,(77 год) доцнела, оти матичарот го немало во канцеларија. Наместо на работно место, тој бил да гледа ракомет, во времето кога во Велес владеела еуфорија по овој спорт а градскиот клуб РК Борец настапувал во Првата југословенска лига. За настанот повеќе детали од самиот Шалев, кој по толку години реши да ја раскаже на јавноста.

 „Во тоа време немаше толку многу автомобили, па со утринскиот воз  и тоа со шинобус од тие старите, правец кон Штип, да ја земеме сопругата Марија.  Во класата беа и музичарите, веселба и натаму и кај сопругата дома и назад. Ги завршиме сите церемонии, се вративме за Велес. Од железничка стасавме и веднаш кон матичното.  По пат од Железничка станица кон матичното, видовме дека на ракометното игралиште, кое беше на Градскиот  стадион  се игра утакмица. Играше Борец и Медвешчак од Загреб. Борец дома во тоа време  беше непобедлив. И големите екипи паѓаа пред нас, Партизан Бања Лука, Партизан Бјеловар, Динамо Панчево, Партизан Белград,  првата утакмица таа година со Црвена Ѕвезда во Белград, победи Борец на тартан подлога“ - се потсетува Шалев. 

Така со чалгија, со  невеста напред стигнале до   матичното, кое во тоа време било  карши Ловното во центар. Наишле на непријатно изненадување.  

„Вратата беше  заклучена иако  најавени дека ќе се регистрираме, недела беше 15 октомври 1967-ма година а тој ден  ми е роденден, тогаш славев  23.  Некој кажа, матичарот е на утакмица. Пративме човек да го бара на стадион. Преку разглас го бараа, Илија се викаше. И додека ние чекаме да дојде, слушаме како публиката се радува. Они викаа „гол“ и ние се радуваме, „гол“. Матичарот не дојде веднаш, дочека да се доигра средбата, дојде со публиката, река народ, оти минеа тука пред матично. Првото прашање беше кој победи, кој е резултатот.  Ама не се лутевме оти чекавме, напротив бевме радосни оти победи РК Борец, памтам резултатот беше 13:7.  Се венчавме, и по улица, таков беше адетот, до дома. Сликарот пред нас не` сликаше, оти и тој задоцни на свадбата, немаме фотографија од регистрацијата.  Дома си ја направивме свадбата.  Работев во Порцеланка. Кога дознаа дека ќе се женам, имаше тогаш во  Титов Велес, четири  музички состави, сите сакаа да  свират на свадбата. Столови, маси земено од комшии, тие и помагаа за подготовка на ручекот. Се играше во дворот. Таква беше традицијата во Велес, мртовец по улица, свадба по улица“ - раскажа Шалев. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »