речник контакт

Сведок во случајот со смртта на малата Тамара, решението за лекување во странство имаше, мајката не го подигна

Малечката утрото кога била донесена во Брза помош родителите објасниле дека била болна, ама не сакала да ја носат на доктор

Петар Печков

Со сведочење на тројца сведоци, во Основен суд Скопје 1, сите на одбраната,  продолжи судењето на обвинетите за смртта на малата Тамара Димовска од Велес. На рочиштето беа сослушани сведоците  Јадранка Мишкова, лекар од Службата за итна медицинска помош при велешката болница, Јован Грковски, државен советник во Министерството за здравство и Бранко Хаџигогов, вработен во Фондот за здравствено осигурување.

Докторката од велешката Итна медицинска помош Јадранка Мишкова сведочи за моментите кога девојчето било донесено утрото без пулс и дишење.

Веднаш пристапивме кон белодробно- срцево оживување, апликација на адреналин, масажа на срце и вештачко дишење, по што по најкусиот пат беше пратена на реанимација во ЈЗУ Велес -рече Мишкова. Таа рече дека на градите на малата Тамара имала облога за која родителите рекле дека ја ставиле бидејќи неколку дена претходно била настината, а на прашањето зошто не се обратиле на лекар, родителите рекле дека „малата не сакала“.

Бидејќи има променет граден кош, многу бргу се менува клиничката слика, размената на гасови е поинаква и заситеноста со кислород брзо опаѓа“, појасни докторка Мишкова.

Сведокот Јован Грковски кој од ноември 2012 до август 2013 беше директор на Фондот за здравствено осигурување рече дека позитивно решение за лекување во странство било донесено.

Во јануари беше донесено првото позитивно решение за лекување во странство кое се реализираше во есента 2013. по моето заминување - рече Грковски.

Сведокот Бранко Хаџигогов пред судот рече дека на 20 Јануари 2014 во просториите на ФЗО, на нејзино барање, остварил средба со мајката на малата Тамара, Жаклина Димовска, на која ја известил дека од архива треба да го подигне решението за лекување на нејзината ќерка во странство, поточно во Турција. Екс портпаролот на Фондот за здравство во ниеден момент не отстапи од тврдењето дека на таа средба, еден месец пред да почине малата Тамара, мајка и го видела одобрувањето за лекувањето во Турција, но одбивала да ја испратат таму.

Тој рече и дека мајката на Тамара од него побарала да се јави во некоја болница во Чикаго за каде наводно од нејзини пријатели била информирана дека цената за тамошното лекувањето од 250.000 долари може да се намали, или да замине Тамара во Турција, но во друга клиника, затоа што, како што рече сведокот мајката му рекла дека некој врвен стручњак и рекол дека ако замине во Турција токму во таа клинка „на девојчето ќе и ги извадат пршлените и ќе ги фрлат, а девојчето ќе остане кепец“.

Госпоѓата Жаклина го разгледуваше и го држеше во раце решението за лекување во странство. Димовска кажа дека сака да биде медицински азилант во Германија или Америка затоа што и второто дете ѝ имало тешко заболување. На мое прашање за какво заболување  се работи, таа одговори дека има срцева мана и дека во четврток треба да се оперира во приватна кардиохирургија. Притоа, да плати 8 илјади евра, затоа што нема здравствено осигурување бидејќи си дале отказ од работа и убаво живееле од парите од донации. Тогаш, јас, изненаден од моменталната ситуација, проверив во систем и видов дека навистина немаат здравствено осигурување. Ѝ објаснив на госпоѓа Жаклина дека мора да има осигурување за лекување во странство, дека не треба да плати 8 илјади евра. Таа требаше да отиде со извод, лична карта и здравствени легитимации за да се осигури. Поради типот на осигурувањето, ја прашав колку приход имала минатата година, бидејќи под 240 илјади државата го плаќа осигурувањето. А над тој износ, сама треба да плати. Таа кажа дека има приход над тој и сама ќе плаќа здравствено осигурување. Замоли да се јавам во приватната болница да им кажам дека ќе биде здравствено осигурена за да не ги плати тие 8 илјади евра за второто дете. Јас тоа и го направив. Интервенцијата била закажана за два дена од денот кога се одржа состанокот. Докторката одговори дека е сè во ред и дека ќе ја примат, сестрата на Тамара. Не го однела детето на операција, бидејќи во петокот, ден по закажаната операција, ми се јави одговорната докторка Тања Анѓушева и ми кажа дека Жаклина не го однела детето на операција, ниту ѝ кревала телефон целиот тој ден претходно“, посочи Хаџигогов.

Сведокот откри и дека комисијата која била формирана да го испита целиот случај утврдила дека постои само еден запис за специјалистички преглед, а дека од сите одобрени лекови на рецепт и ортопедски помагала што и биле препорачани на Тамара ништо не било искористено.

Љубомир Михајловски- Џанго, бранител на обвинетите, вели дека со ова сведочење се случил пресврт на судењето.

Се потврди она што одбраната цело време го кажува, се потврди дека јавноста е доведена во заблуда во изминатиот период. Ова е пресврт во судењето и во понатамошниот тек на постапката се повеќе ќе се докажува околу средства што се собрани, потрошени, средства коишто биле наменети за лекување, а не се употребени за лекување. Јас знам дека не се искористени за лекување, а каде се потрошени, тоа ќе мора мајката да ја прашате. Има материјални докази, пари се одобрени од Фондот, паричните средства, решение и формалности не биле причина за да девојчето не биде лекувана во странство, изјави  Михајловски. Следното рочиште од случајот за малата Тамара е закажан за 4 март.

Обвинителството ги товари за кривичното дело ,,несовесно работење во службата,, тогашните директори на ФЗО  Маја Парнаџиева – Змејкова и Џемаили Мехази,  и докторите Владимир Поповски, Александар Чапароски, Лилјана Тозија, Наталија Долненец Банева и Никола Граматиковски, како членови на првостепената комисија која го донела првостепеното решение со кое се одбива лекувањето во странство на малолетната Тамара Димовска и против Александар Стојановиќ, Шабан Мемети, Ристе Симеонов, Елена Трпковска и Аспазија Софијанова како членови на второстепената комисија кои го потврдиле првостепеното решение.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »