Петар Печков
Објавено: недела, 08 август 2010
Во православниот каландар постојат три личности со исто име света Параскева - Петка, поради што кај народот најчесто се мешаат и се мисли дека се работи за иста личност.
Првата е света Петка - Римјанка, втората света Петка од Иконија и третата света Петка Епиватска, позната и како Трновска.
Овие личности името го добиле поради тоа што се родени во петок, а петокот бил ден за подготовка поради тоа што кај Евреите во претхирстијанскиот период саботата била празник. Оттука Параскева значи подготовка.
Првата Света Петка е преподобната маченица Параскева Римјанка.
Во нејзиното житие се вели дека нејзините родители биле Римјани, дека биле христијани и дека таа како единствена ќерка им се родила по долги и искрени молитви. Уште од мала била воспитувана во христијански дух, а и самата влијаела врз луѓето да се однесуваат христијански. Рано и умреле родителите, а таа целиот имот го раздала на сиромаси и се замонашила.
Како монахиња со уште поголема жар го проповедала христијанството иако во тоа време оваа вера била забранувана и најжестоко прогонувана од римската власт. Пакосните Евреи први ја наклеветиле кај императорот Антониј Пиј, кој најпрвин со ласкања се обидел да ја придобие да се откаже од својата вера.
Но кога во тоа не успеал ја подложил на жестоки измачувања ставајќи и на главата вжештен шлем. Но и од овие страдања на чуден начин се спасила, побегнала од Рим и продолжила да ја проповеда вистинската вера Христова. Уште на два пати, односно уште во два града Параскева била измачувана но пак на чуден начин се спасила, неверојатно брзо излечувајќи се од раните.
На нејзиното мачење присуствувал и самиот император, а кога била фрлена во котел со врело масло и со катран, таа останала неповредена, а од течноста му прснало на императорот во очите по што тој ослепел. Параскева се помолила на Господа и тој оздравел.
Затоа на иконата е претставена како држи чинија во која се наоѓаат човечки очи. Гледајќи ги нејзините страдања, но и чудата што се случувале многумина ја примиле христијанската вера. За да ја скријат вистинската причина за нејзиното брзо оздравување, паганите нејзините чуда ги објаснувале со маѓии, а оздравувањето му го припишувале на нивниот Бог.
Но самата Параскева еднаш на мачителот му рекла: „Не ме излекуваа твоите Богови, туку мојт единствен Бог Исус Христос.“ Најпосле некој кнез по име Тарасиј ја исекол со меч. Тоа се случило во 2-риот век. Подоцна моштите и биле пренесени во Цариград.
Tweet |