Петар Печков
Објавено: петок, 19 јули 2013
Светата маченица Недела е родена во Мала Азија, во местото Никодимија, престолнината на римскиот император Диоклецијан, големиот прогонувач на христијаните. Родена е во недела, поради што добила и такво име (на грчки недела се вика кириакија).
Ќерка е на Доротеј и Евсевија кои долго немале деца и Недела ја добиле по долги и искрени молитви. Била воспитувана во христијански дух поради што уште од детството била посветена на Бога. Подоцна пораснала во убава девојка што ја сакале многу момчиња. Но таа сите ги одбивала, изјавувајќи дека е решена да остане девица и да се посвети на својот Бог, Исус Христос. Кога го одбила и едно богато момче, тоа навредено ја наклеветило кај царот Диоклецијан за исповедање на христијанството.
Најпрвин настрадале нејзините родители, а потоа Недела била мачена на најсуров начин, била влечена, тепана со воловски жили, сечена по телото, ја фрлале на клада, и пуштале диви ѕверови итн. Но сето тоа било залудно зашто Исус Христос секогаш после мачењето и ги исцелувал раните.
Била осудена да биде исечена со меч. Пред да биде погубена и дозволиле да се помоли на Господа, а кога тоа го направила ја предала душата пред мечот да падне врз нејзиниот врат. Тоа се случило во родниот град Никодимија на 7 јули 289 година, кога имала само 22 години.
Празникот на Светата маченица Недела се паѓа во летниот период, во време на жетвата и другите полски работи.
Tweet |