Петар Печков
Објавено: петок, 14 октомври 2011
Свети Јован Кукузел е голем византиски композитор од македонско потекло, заедно со Св. Јован Дамаскин се најпознатите музички дејци во Источната православна црква. Тој е познат црковен псалт, композитор, музички теоретичар и голем христијански богоугодник и испосник. Неговото дело оставило траги во културите на повеќе балкански народи кои денес подеднакво го проучуваат и слават.
Неговата нотација наречена Кукузелова, неовизантиска, доцновизантиска и сл. била во употреба од крајот на 15 до почетокот на 20 век. Од истражувачите на музиката бил наречен ангелогласен, извор на музиката, учител над учителите, голем мајстор на уметноста и сл. Според едни извори тој е роден во Драч (денес во Албанија) од родители Македонци, но според преданието и повеќе други показатели е роден во селото Џерменци (или Џерманци) во дебарскиот крај, во близина на манастирот Свети Јован Бигорски, а Драч е споменуван само како поголем град и за подобра ориентација на странците.
Што се однесува пак до времето во кое живеел Св. Јован Кукузел истражувачите се со различни мислења, но се согласуваат дека тоа било меѓу XI и XV век.
Откако починал татко му Јован живеел со мајка му која што подоцна го испратила на школување во Цариград каде што дошла до израз неговата надареност за музиката. На почетокот на школувањето во царскиот двор, кога уште не го знаел добро грчкиот јазик, кога другарите го прашале што јадел одговорил: „Куку-зелје” (грав и зелје), од што му останал прекарот Кукузел што подоцна станал и негово презиме со кое се афирмирал на многу поширок простор.
Се истакнал како добар пејач, бил наречен ангелогласен, поради што станал прв пејач во царскиот двор. Царот како свој миленик имал намера да го ожени за ќерката на некој негов големец, но Јован повеќе од сите овоземски задоволства, особено од привремената слава што ја имал во тој момент, ги сакал Божјите дарови поради што решил да замине на Света Гора. Во тоа време кај царот поради некои манастирски работи престојувал игуменот на Светогорската лавра „Свети Атанасиј” од кого младиот Јован се запознал со животот во манастирите на Света Гора.
Веднаш потоа без знаење на царот, ја фрлил свилената облека, облекол искинати алишта, зел овчарски стап и се упатил кон Света Гора. Зачукал на портата на манастирот Свети Атанасиј и на чуварот му рекол дека е овчарче што сака да живее во манастирот. На игуменот токму во тоа време му требал пастир поради што го примил без размислување. Веднаш бил упатен да ги чува козите, а тој тоа го правел со задоволство, уживајќи во тишината и минувајќи ги деновите во пост и молитви.
Царот многу го разжалостило исчезнувањето на омилениот пејач, поради што испратил луѓе низ целата земја да го бараат. Тие дошле и во манастирот Свети Атанасиј но во сиромашното овчарче со искината облека не можеле да го препознаат бараниот прв пејач од царскиот двор.
Во житието се истакнува дека еднаш додека ги пасел козите и пеел некоја црковна песна, го слушнал некој скитник кој живеел во некоја пештера. Јован не го гледал скитникот, а тој останал запрепастен од ангелскиот глас и од фактот што и козите во тоа време не паселе туку ја слушале песната што маѓепсувала. Тој отишол во манастирот и му кажал на игуменот, а овој го повикал козарчето и го запрашал: „Те заколнувам во Бога да ми ја кажеш вистината: ти ли си Јован Кукузел, толку бараниот од царот”.
Јован немал каде, морал да му признае, но и да го моли да го остави во гората и да не го враќа кај царот. Паднал пред неговите нозе велејќи: „Јас сум грешниот и недостоен раб на твојата светост, но те молам многу да ме оставиш во ова послушание, што сте ми го дале отпрвин, зашто ако дознае царот за мене, ќе ме оттргне со сила од ова спасително пристаниште”. Игуменот му ветил дека ќе се избори пред царот да го остави во манастирот и заминал за Цариград. Откако пристигнал кај царот клекнал пред неговите нозе и му рекол: „Ја молам државата под твоја власт, владико, да ми дарува еден човек за спасение на неговата душа и ако навредил тој некого во царството твое, да му простите.”
Царот го прашал за името на тој човек но игуменот одбил да го каже додека царот не вети прошка. Тогаш царот наредил да напишат таква прошка, а тој лично ја потпишал и му ја дал на игуменот. Дури тогаш овој му кажал дека се работи за Јован Кукузел, што тој толку долго и загрижено го барал, објаснувајќи му ја и неговата положба и неговата желба за живот во манастирот. Царот се израдувал и се натажил истовремено. Се израдувал затоа што разбрал дека неговиот омилен пејач е жив и здрав, а се нажалил затоа што со тој потпис засекогаш го изгубил од својот двор. Игуменот со одбрани зборови го утешил возбудениот цар, а потоа се вратил во манастирот каде што на Јована и на останатите членови на манастирското братство им го пренесол разговорот со царот.
По овој настан откако се ослободил од овоземниот цар Јован се решил да се посвети на небесниот цар. Побарал одобрение од манастирскиот старешина и изградил ќелија во која го минувал времето во пост и молитви. Шест дена живеел во ќелијата, а во неделите и празниците доаѓал во манастирот каде што со големо воодушевување пеел на десниот клирост.
Еднаш при пеењето од замор малку се наслонил и задремал во стојалиштето, а во тој момент му се јавила Пресвета Богородица и му рекла: „Радувај се Јоане чедо мое, пеј ми ти мене, и нема да те оставам”. Притоа во раката му оставила златна пара. Кога се разбудил Јован многу се возбудил, со песни ја славел мајката Божја, а златникот го оставил во црквата, каде што се случиле многу чуда. Дотогаш пеел само во неделите и празниците, а оттогаш почнал да пее секој ден.
Подоцна од многу стоење му загноила едната нога и од неа течела смрдлива течност, но мајката Божја му се јавила и му соопштила: „Од денес ќе бидеш здрав и кога ќе оздравиш повеќе никогаш дури до смртта да не се разболуваш, живеејќи во постење, бдение и други добротворства, најмногу од сите да бидеш во смиреност”. И навистина Јован повеќе не се разболел се до смртта.
Смртта пак си ја предвидел и посакал да биде погребан во ќелијата на светите Архангели што самиот си ја изградил. Откако се простил со манастирското братство се причестил со светите Тајни Христови ја предал душата на Бога со молитва и насмевка на устата. Починал на 14 октомври на денот на празникот Покров на Пресвета Богородица.
Култот на Свети Јован Кукузел се раширил низ целиот Балкански Полуостров. Тој нашол одраз во црковното пеење, литературата, сликарството и во преданијата. Сепак неговите заслуги се најзначајни во црковното пеење. Тој е творец на новата византиска нотација во негова чест наречена „Кукузелова” Му се припишува вокалниот стил во црковното пеење наречен „пападикиски' во кој внесува и музички елементи од народниот , пред се македонскиот мелос.
Ракописите со делата на Св. Јован Кукузел денес се чуваат на повеќе места: Лавра Атонска, Синодална Московска библиотека, Дворската библиотека во Виена, Градскиот музеј на Охрид, Државаната библиотека во Минхен, библиотеките во Цариград, Атина и многу други поголеми и помали библиотеки, архиви, музеи низ целиот свет.
Tweet |