Петар Печков
Објавено: недела, 14 ноември 2010
Меѓу поголемите есенски празници што се празнуваат со домашни служби спаѓа и празникот на Светите врачи Кузман и Дамјан. Зборот врач и денес во некои словенски јазици (на пр. во рускиот јазик) значи лекар. Овие господови лекари наречени и Свети бесребреници имаат два празника на 1 јули (Свети врачи - летни) и на 14 ноември. Наречени се бесребреници или безмитни затоа што бесплатно ги лекувале сиромашните болни, а среброто е поим за алчност. Среброљубец се вели за човек алчен за пари.
За двајцата браќа исцелители Кузман и Дамјан има малку податоци како за нивното раѓање така и за нивната смрт. Според една верзија родени се во провинцијата Асија во Мала Азија. Татко им бил паганин, а мајка им христијанка. Набргу татко им умрел, а мајка им Теодотија ги воспитувала во вистински христијански дух. Останувајќи верни на ветувањето што и го дале на мајка си, а за да бидат што повеќе корисни, двајцата браќа го изучувале лекарскиот занает, ги научиле исцелителните својства на сите билки и се афирмирале како добри лекари. Господ ги благословил и тие секогаш лечеле повикувајќи се на божјата сила. Се откажале од овоземните богатства, лекувале бесплатно.
Житието раскажува дека еднаш некоја жена по име Паладија, што долго време била болна од некоја неизлечлива болест и што за лекување потрошила големо богатство ги повикала и овие двајца лекари. Тие со божја помош ја излекувале и таа сакала да ги награди. Но бидејќи двајцата браќа биле заколнати да не примаат никакви дарови тоа го одбиле. Сепак помладиот Дамјан, по многу молби и откако го заколнала во Света Тројца, зел три јајца како симбол на светото тројство. Кога за тоа разбрал постариот Кузман многу се налутил и пред селаните побарал кога ќе умрат да не ги погребуваат во ист гроб, туку Дамјан бидејќи погрешил и ја подгазил дадената заклетва да биде погребан во друг гроб.
Кузман умрел порано, а кога умрел и помладиот Дајман селаните решиле дека сепак казната што ја одредил Кузман е престрога и дека Дамјан трите јајца не ги зел како надоместок за лекувањето туку како симбол на Светата Троица. Поради тоа но и затоа што заедно лекувале ги погребале во ист гроб. Подоцна над гробот била изградена црква, а од моштите на светите Врачи се случувале многу чуда и многу болни оздравеле.
На иконата светите врачи Кузман и Дамјан секогаш се претставени заедно со крстови во рацете или, со кутивче со лекови и со лажиче со кое на болните бесплатно им давале од лековите.
Во народниот живот овој празник повеќе го празнуваат оние што се занимаваат со народна медицина: лекување, баење, лекување со билки. Тие на овој празник не работат зашто во спротивно нема да им фати лекот.
Tweet |