Петар Печков
Објавено: недела, 18 декември 2011
Иако повеќе се празнува денот на неговата упокојување 19 декември, сепак внимание му се посветува и на денот на пренесувњето на моштите на св. Никола од Мир (во Ликија) во Бари (Италија) на 22,
Овој важен лик од христијанската религија е роден кон крајот на III век во гратчето Патара во малоазиската област Ликија. Уште како дете се истакнувал со добро воспитание поради што станал омилен и пред Бога и пред луѓето. Неговиот чичко кој исто така се викал Николај и кој бил архиепископ патарски, согледвајќи ги позитивните карактеристики на младиот Николај ги наговорил родителите да му дозволат да се посвети на Бога и го произвел во чин презвитер.
Mладиот Николај подоцна станал заштитник на сиромасите, но и помошник на сите што со верба му се обраќале. По смртта на стрико му кој бил архиепископ свештениците од областа Ликија барале негова замена, но сите се увериле дека немале подобар од младиот Николај и го избрале за архиепископ Мирликијски. Како архиепископ Николај бил омилен меѓу народот, зашто секогаш ги помагал сиромашните, ги посетувал болните, ги штител затворениците и неправедно осудените, младите ги советувал, грешните ги упатувал на вистинскиот пат, робовите ги откупувал и ги пуштал на слобода, на сиpомашните девојки им купувал мираз за да се омажат.
По смртта на неговите родители кои што биле многу богати сето богатство што го наследил го разделил на сиромасите, но тоа го правел тајно тргнувајќи од божјите зборови за добрите дела да не бара светска слава.
Житието раскажува дека во тоа време во градот Патара живеел некој човек кој што ненадејно го изгубил богатството и бидејќи не бил способен да се бори во животот бил решен и со нечесни средства да остварува средства за живот. Имал намера да ја жртвува дури и честа на своите три ќерки но во тоа го спасил св. Никола кој ноќно време низ прозорецот му дофрлувал пари. Со тие пари таткото ги омажил и трите ќерки, а кога разбрал кој му го дава богатството паднал пред нозете на Никола и со солзи во очите му благодарил.
Кога за време на владеењето на царот Диолкецијан станале големи прогони на христијаните и Николај бил затворен и подолго време останал во темница. Но кога царот Константин го признал христијанството и кога ги ослободил сите затворени христијани и Николај бил ослободен и повторно се вратил на архиепископскиот трон. Учествувал и на Првиот веселенски собор во Никеја во 325 година каде што удирајќи му шлаканица го посрамотил еретикот Арие, кој се одделил од христијанството и проповедал друго учење.
По пронаоѓањето на светиот крст од страна на царицата Елена многу луѓе тргнале да ги посетуваат светите места. И архиепископот Николај тргнал на вакво патување, на кое се случиле многу чудни настани. Житието раскажува дека додека патувале по морето Николај претскажал големо невреме, но морнарите познавајќи ги метереолошките услови го исмевале велејќи му да не зборува за работи што не му се познати.
Но кога набргу навистина фатило страшно невреме, кога се кренале големи бранови и кога сите очекувале несреќа Николај се помолил на Господа и бурата престанала. Вакви настани за време на животот на Николај се случиле повеќе, а тој и по смртта продолжил да ги заштитува патниците, посебно оние што патувале по вода.
Доживеал длабока старост и умрел во 342 година, откако скоро шест децении му служел на својот народ и на својот Господ. Бил погребан во соборната црква во Мир, а подоцна кога пред налетот на Исламот биле прогонувани христијаните, кога многу цркви настрадале и кога биле уништувани гробовите на светителите св. Николај му се јавил во сонот на некој свештеник од Бари (Италија) и го замолил моштите да му ги пренесат во Италија. Во тоа времее црквите во јужна Италија и припаѓале на цариградската патријаршија.
Потоа со многу свечености неговите мошти биле пренесени од Мир (Ликија) во Бари, (Италија) во 1087 година, поради што и овој датум (22 мај) се смета за празник на Св. Никола.(св. Николај - летен). Преданието раскажува дека светите мошти во Бари биле пречекани од мноштво народ меѓу кој имало и многу болни, слепи, глуви, сакати, душевно болни и сл. кои што доживеале исцелувње
Култот на Св. Никола е познат од VI век, а најстарото житие за него потекнува од IX век. Важел за заштитник на целото население и од целиот свет, поради што високо го ценат не само православните туку и католиците. Од истите причини на овие простори во минатото го почитувале и Турците, кои што како што стои во некои записи го викале “Ад'рбаба”, што значи јадар татко или голем татко.
И во прозните народни умотворби еднаш се раскажува како Св. Никола ги помага сиромасите, друг пат како добил два празника во годината. Така на пр. во една приказна запишана од ѓаконот Јосиф, од манастирот Пречиста Кичевска, објавена во цариградскиот весник “Новини” кон крајот на минатиот век, се раскажува дека едно време другите светци му завиделе на св. Никола затоа што многу бил почитуван и се поплакале на Бога.
Бог ја примил поплаката и веднаш испратил два ангела да го повикаат св. Никола. Тие откако не го нашле по небото и по земјата го здогледале во стреде море како крепи една гемија готова да потоне. Му ја пренесле заповедта, а тој ги замолил да му помогнат да ја извадат ѓемијата на суво. Виделе-не виделе ангелите му помогнале, а потоа така накиснат и со искинати алишта го одвеле пред Господа.
Тука во тој момент биле собрани и сите светци што се оплакувале на него. Господ само ги погледнал и ништо не рекол, а тие од погледот разбрале дека ако сакаат да бидат почитувани како свети Никола треба да прават добри дела како што правел тој. Тогаш, се вели во оваа приказна, Господ заповедал за сите светци да има по еден ден во годината, за свети Никола два, а за преподобниот Касијан кој најмногу го кодошел на четири години еднаш да му се празнува денот на 29 февруари.
Истражувачите на народниот живот истакнуваат дека многу елементи од обичаите и верувањата поврзани со Св. Никола водат потекло од претхристијанско време, но дека се задржани сите обреди, обичаи, жртвувања, и сл. кои биле поврзани со некогашниот претхристјански јунак на морињата, водите и ветровите
Tweet |