Петар Печков
Објавено: сабота, 18 декември 2010
Овој важен лик од христијанската религија е роден кон крајот на III век во гратчето Патара во малоазиската област Ликија. Уште како дете се истакнувал со добро воспитание поради што станал омилен и пред Бога и пред луѓето. Неговиот чичко кој исто така се викал Николај и кој бил архиепископ патарски, согледувајќи ги позитивните карактеристики на младиот Николај ги наговорил родителите да му дозволат да се посвети на Бога и го произвел во чин презвитер.
Пророштвото на стрикото Николај се исполнило, зашто младиот Николај подоцна навистина станал заштитник на сиромасите, но и помошник на сите што со верба му се обраќале. По смртта на стрико му кој бил архиепископ свештениците од областа Ликија барале негова замена, но сите се увериле дека немале подобар од младиот Николај и го избрале за архиепископ Мирликијски.
Како архиепископ Николај бил омилен меѓу народот, зашто секогаш ги помагал сиромашните, ги посетувал болните, ги штител затворениците и неправедно осудените, младите ги советувал, грешните ги упатувал на вистинскиот пат, робовите ги откупувал и ги пуштал на слобода, на сиромашните девојки им купувал мираз за да се омажат итн.
По смртта на неговите родители кои што биле многу богати сето богатство што го наследил го разделил на сиромасите, но тоа го правел тајно тргнувајќи од божјите зборови за добрите дела да не бара светска слава.
Доживеал длабока старост и умрел во 342 година, откако скоро шест децении му служел на својот народ и на својот Господ. Бил погребан во соборната црква во Мир, а подоцна кога пред налетот на Исламот биле прогонувани христијаните, кога многу цркви настрадале и кога биле уништувани гробовите на светителите св. Николај му се јавил во сонот на некој свештеник од Бари (Италија) и го замолил моштите да му ги пренесат во Италија. Во тоа време црквите во јужна Италија и припаѓале на Цариградската патријаршија.
Потоа со многу свечености неговите мошти биле пренесени од Мир (Ликија) во Бари, (Италија) во 1087 година, поради што и овој датум (22 мај) се смета за празник на Св. Никола.(св. Николај - летен). Преданието раскажува дека светите мошти во Бари биле пречекани од мноштво народ меѓу кој имало и многу болни, слепи, глуви, сакати, душевно болни и сл. кои што доживеале исцелувње.
Се верува дека луѓето ги штител од секакви неприлики, но сепак во народното предание најповеќе е запаметен како господар на водите, на морињата, а со тоа и заштитник на корабите и на патниците што патувале со нив. Затоа, пред него се молат особено оние што тргнуваат на пат по вода.
Tweet |