Петар Печков
Објавено: недела, 02 јануари 2011
Светата православна црква на овој ден го празнува споменот на Светиот свештеномаченик Игнатиј Богоносец. Свети Игнатиј бил ученик на Светиот апостол и евангелист Јован Богослов од кого бил поставен, за епископ на црквата во Антиохија со која раководел 40 години.
Настрадал за време на римскиот цар Трајан. По победата над Трачаните и Скитите царот наредил на римските богови да им се принесат жртви сметајќи дека тие му помогнале во борбата да извојува победа. Христијаните одбиле тоа да го направат, особено против тие обичаи биле црковните старешини. Меѓу нив бил епископот Игнатиј.
Царот Трајан самиот дошол во Антиохија за да разговара со епископот Игнатиј, да го разубеди и да го врати во идолопоклонството. Но кога видел дека не може тоа да го постигне наредил епископот да го одведат во Рим и да го фрлат на ѕверовите.
Светиот свештеномаченик Игнатиј во еден амфитеатар во Рим бил фрлен пред два гладни лава кои го растргнале на очиглед и задоволство на многубројна публика. Се јавувал повеќе пати по смртта, правел чуда и им помагал на сите што ја барале неговата помош.
Обичаите и верувањата што се изведуваат на празникот Игнат најповеќе се поврзани со почетокот на годината или со споменот на раѓањето на Исус Христос. Така на пр. во Велес, како што запишал Д. Матов, на Игнат вареле пченица и царевка заедно за да се подигне бериќетот, а жените заработувале од секоја работа по малку, исто така за да им се подига работата.
Tweet |