Петар Печков
Објавено: петок, 10 март 2017
Во велешката касарна ,,Алексо Демниевски Бауман,, се одржа свеченост по повод давањето заклетва на 31 генерација на војници доброволци, но и на кандидатите за офицери за служба во АРМ. Следните три месеци обука ќе имаат 56 кандидати, од нив 6 се девојки.
Овде има ред, дисциплина. Сакам да дадам поттик на сите девојчиња кои сакаат да пристапат во АРМ, нека дојдат ќе имаат ново искуство во животот - рече Моника Стојчевска од Куманово, која има 19 години. Слободан Петревски (24год) од Гостивар кој се пријавил да служи војска веднаш откако го завршил во Тетово факултетот за прехранбена технологија и нутриционизам.
Да се биде војник е посебна чест. Со денешната заклетва вие слушателите и вие војниците се обврзавте на највисоките уставни и човечки вредности. Служењето воен рок и работење во АРМ, ќе има влијание во вашиот натамошен животен пат, пред се со искуството кое тука ќе го добиете и со предизвиците со кои ќе се соочите - рече генерал Мухамед Рацај, заменик началник на Генералштабот на АРМ.
Армијата е заедничка вооружена сила на сите граѓани и тука нема место за етничка, партиска, верска или било која друга подвоеност. Војничката средина овозможува подобро да ги запознаете другите, нивните обичаи, култура и традиции. За идните офицери кои дојдовте на оваа свеченост од логорување, ви претстојат месеци на специјалистичка обука. Патот кон офицерскиот чин е тежок а вас ви остана полесниот дел затоа што следува делот кој е поврзан со досегашното школување – порача Газменд Абдиу потполковник во АРМ.
Регрутирањето на високо квалитетен, мотивиран и високо обучен кадар е клучен предуслов за јакнење на оперативните и борбени способности на армијата и императив за безбедноста на Македонија. Тука ќе се стекнете со знаења и воени вештини, кои ќе ве направат подобри личности и подобри граѓани на Република Македонија – рече Елизабета Чуповска Ристова државен секретар во Министерството за одбрана.
Tweet |